Селекторот на хрватската фудбалска репрезентација Златко Далиќ по ремито со Албанија на Европското првенство изјави дека е незгодно да се прими гол во последните секунди, но дека сепак се е во нивни раце.
„Тешка игра со две различни полувремиња. Првото беше многу лошо, бавно и слабо, додека второто беше охрабрувачко. Дадовме максимум, многу енергија во остатокот од натпреварот. Го свртевме резултатот, но на крај, многу незгодно, примивме гол“, изјави Далиќ, пренесе агенцијата Хина.
„Разочарани сме, се разбира, поради тој примен гол, но се уште сме во игра. Сè уште се е во наши раце“, додаде тој.
Фудбалерите на Хрватска денеска во Хамбург одиграа нерешено 2:2 со Албанија, во натпреварот од второто коло од групата Б на Европското првенство во Германија.
По 0:3 против Шпанија и ова реми, на хрватските фудбалери им останува уште натпревар со Италија во понеделник и им треба победа за да поминат во следната фаза.
Второто полувреме мора да биде водилка за Италија. Во овие неколку дена што ни претстојат дефинитивно ќе се подобриме. Ќе се подготвиме и знам дека ќе бидеме добри“, изјави Далиќ.