Директорката на Гинеколошко – акушерската клиника во Скопје, Викторија Јовановска денеска изјави дека Одделението за предвремено родени бебиња работи со многу мал број вработени. Под итно им се потребни доктори и медицински сестри коишто, како што појасни таа, секојдневно го напуштаат Одделението, затоа што се соочуваат со огромен предизвик, меѓутоа и многу тешка задача.
– Се работи 24 часа без можност за одмор. Вработените, особено докторите на овој оддел, немаат можност да го искористат ниту правото на годишен одмор, заради тоа што секогаш обврските ги тераат да бидат присутни тука. Последниот месец потпишав три отказни решенија на сестри коишто не можеа да го издржат тој предизвик. Таа работа е исклучително тешка, борбата за живот на дете од 500-600 грама е огромна одговорност за вработените, подвлече директорката на ГАК.
Таа појасни дека има вработени кои остануваат тука, но, работата на тој оддел се сведува на работа на млади луѓе, „коишто можат и мораат да трчаат постојано, да се борат, за секој човечки живот“.
Клиниката за гинекологија и акушерство, посочи, се соочува со недостаток на персонал како педијатри и медицински сестри.
– Прематуритетот останува глобален проблем и водечка причина за смртност на деца до петтата година, додека дел од преживеаните деца се борат со тешки компликации по здравјето. Бројките зборуваат за драстичен пад на процентот на смртност кај предвремено родените бебиња, на што сме особено горди, а тоа се должи на навистина огромниот ангажман на целиот персонал од одделот за неонатална интензивната нега (ОИНТ) и на сериозната инвестиција во персонал, знаење и во најсофистицирана и најсовремена апаратура, појасни таа на денешната прес-конференција по повод 17 ноември – Светскиот ден на прематуритетот.
Таа информираше дека прочистениот број на смртност – предвремено родени бебиња над 26 гестациска недела, годинава е 1,38 отсто, а 2022 година ја завршивме со 2,4 проценти.
– За одбележување е дека во наведениот период од 2023 година, во добра здравствена состојба дома заминаа 6 прематуруси родени во 26 гестациска недела, едно во 25 гестациска недела и два родени во 24 гестациска недела. Нашата држава сериозно се доближува до најразвиените земји во светот кога станува збор за преживување и на предвремено родените новороденчињата со најмала гестациска недела и тежина, додаде Јовановска.
Таа соопшти дека има план од нова година да се почне со кенгурирање, бебињата што пократко да остануваат во оваа установа.
На новинарско прашање дали има доволно инкубатори на оваа клиника, директорката одговори потврдно.
– Да, имаме доволен број инкубатори. Се случува во одреден период да имаме голем налив, пример, ќе се најават двојки, тројки, кои треба да дојдат тука, тогаш се соочуваме со недостаток на инкубатори, меѓутоа, во соработка со Детската клиника, секогаш бебињата се прифатени, појасни таа.
Рената Димитриовска – началник на одделението за интензивна нега и терапија, кажа дека проблемите на недоносени новороденчиња не значи оти се само во првите саати и во првите минути, првите недели, многу од тие компликации останувале доживотни.
На денешната прес-конференција на ГАК беше и министерот за здравство Фатмир Меџити кој исто така ги посети предвремено родените бебиња кои престојуваат на Клиниката. (МИА)