Хорот и оркестарот на ООУ “Кузман Јосифовски – Питу” и оваа година беше во центарот на вниманието ¬ на Светскиот куп во фолклор во Јесоло, Италија. Меѓу 500 учесници од 12 држави од Светот, меѓу кои и избраниците на професорката по музика, Вера Ангеловска, нашите претставници од ова натпреварување се вратија со 6 награди во различни категории, од кои највисоко е постигнатото второ место. Вокално-инструменталниот ансамбл, предводен од нивната наставничка и директорот на ООУ “Кузман Јосифовски – Питу”, Андреја Стојановски, на покана од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ја посетија Општина Кисела Вода, каде разговараа за постигнатото, а тој им честиташе и ги информираше дека ќе бидат наградени и од општината.
-Сакам да ви честитам за успехот и да ви се заблагодарам што на Светскиот куп во фолклор во Италија одлично го претставивте вашето училиште, Општината Кисела Вода и Република Македонија. Особена благодарност и честитки искажувам на вашата наставничка, која со својата посветена работа и стручност, во континуитет го води овој музички ансамбл до врвот. Нејзината серија успеси е инспирација за сите нас и пример за тоа што може да се постигне со вистински посветена работа и труд. Како знак на нашата благодарност и поддршка, општина Кисела Вода одлучи да ве награди со паричен ваучер. Оваа награда е симбол на нашето признание за вашите постигнувања и поттик за понатамошни успеси. Посветената работа и дисциплината се клучни елементи за успех во секоја област, а посебно во ваквите големи музички состави. Вашиот успех е доказ за тоа. Ми е особено драго што Македонија, која отсекогаш била препознавана по својата песна и квалитетни музичари, повторно се искачи на светската сцена благодарение на вас.
Ви благодарам уште еднаш за вашата посветеност и за честта што ни ја донесовте. Продолжете со истата енергија и страст, и сигурен сум дека пред вас се многу нови успеси и признанија-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Инаку, за време на овој Светскиот музички куп, Македонија беше одбрана од страна на организаторот да ја предводи долгата редица од натпреварувачи низ улиците на Јесоло- со македонските песни и македонски знамиња. На задоволство на македонската експедиција, дојде и ексклузивната покана за прием кај градоначалникот на Јесоло, Кристофер Де Зоти, кој испрати поздрави до македонците и желби за уште поголем успех во иднина на музичките таленти од Македонија.