„Ќе преживеам“ е насловот на новата, дуетска песна на Александар Тарабунов и Димитар Андоновски. Станува збор за брза песна која претендира да стане вистински летен хит.
Дуетот доаѓа како резултат на долгогодишна соработка и пријателство и всушност значи остварување на нивните дамнешни планови, но е и најава за она што ќе следува од нив во периодот кој доаѓа.
„Песната се создаде спонтано додека лежев на плажа. Добив идеја за еден дел, потоа седнавме со Диме и буквално во еден ден идејата се претвори во музика и текст. Велат, кога нешто што ќе го направиш ти се допаѓа значи дека е добро, е нам песнава ни се допаѓа“, рече Тара на денешната промоција во кафулето Интермецо.
За песната е снимено и видео работено под палката на Владислав Гавриловски, а кадрите се снимени во винаријата „Кралица Марија“ во Демир Капија.
Дека оваа соработка и даденото ветување дека музичката приказна нема да заврши тука доволно зборува и создавањето на 77 ентертејмент, нова продукција која под својата капа ќе стави низа домашни изведувачи кои ќе добијат третман каков што доликува.
Ветувањето за уште квалитетна музика е дадено, а богами Тара и Диме најавија и серија настапи ширум земјава.
„Мора да се работи и мора да се избориме за македонската музика. Мораме и да вложуваме и повеќе да ја цениме, затоа што тоа сме ние“, едногласни се момците.
Уживајте во новата песна: