Израелските одбранбени сили (IDF) утрово изјавија дека го нашле телото на 19-годишната Ноа Марчиано, војничка за IDF, за која Хамас изјави дека била убиена пред два дена во израелски воздушен напад. Вчеравечер израелските одбранбени сили изјавија дека го нашле и телото на Јехудит Веис, 65-годишна жена која била киднапирана од Хамас на 7 октомври, известува Би-би-си.
Двете тела биле најдени на локација до болницата Ал-Шифа, која беше мета на израелски напади изминативе неколку дена поради тоа што израелските сили тврдеа дека таа служела како база за Хамас.
Изралските одбранбени сили исто така објавија оти нашле влез за тунел, кој сметаат дека е дел од подземната мрежа на тунели на Хамас, како и возило на кое имало стапици. Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху вели оти имаат доверливи разузнавачки индикации дека се чувале заложници во болницата, кои биле преместени од болницата пред да влезат внатре израелските војници.
Истовремено, од најголемата агенција за хуманитарна помош во Газа на Обединетите нации рекоа дека немаат доволно гориво да може да ја разнесат хуманитарната помош низ Газа. Недостигот на гориво повторно има предизвикано пад на телекомуникациските мрежи.
Светската програма за храна на ОН предупредува дека постои голема веројатност да има општ глад во Газа, известува Гардијан.
Израел ги известил граѓаните на некои од малите градови околу градот Кан Јунис, во југот на Газа, да ги евакуираат своите домови и да се кријат во скривници. На почетокот на конфликтот, населението на Кан Јунис и градовите околу него се зголеми од 400.000 до речиси милион жители бидејќи им беше наредено на жителите на Газа да ги евакуираат своите домови во северот на Газа.
На Западниот Брег, пак, израелските сили вчеравечер извршиле рација во камп за бегалци во градот Џенин. Утрово од палестинското здравство изјавија дека тројца Палестинци биле убиени во воздушен напад во Џенин.
Продолжува и екстремистичкото насилство од израелското население на Западниот Брег. Од почетокот на конфликтот, убиени се 190 Палестинци, речиси исто колку што биле убиени од почетокот на годината до конфликтот, односно 208.