Македонија Планот за раст на Западен Балкан е нов инструмент на ЕК

Во Скопје прв регионален министерски состанок за Планот за раст на Западен Балкан

Во Владата на Северна Македонија денеска ќе се одржи првиот состанок за Планот за раст на Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст што беше објавен од Европската комисија на почетокот на овој месец. На состанокот е најавено присуство на министри од земјава, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово и на високи претставници од Директоратот за проширување на ЕК.

Во Скопје прв регионален министерски состанок за Планот за раст на Западен Балкан

Министерскиот состанок ќе го отворат министерот за финансии Фатмир Бесими и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Планот за раст на Западен Балкан и Инструментот за реформа и раст пред министрите за финансии и економија ќе ги претстави генералниот директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија Герт Јан Копман.

Состанокот се одржува со цел презентирање на Планот за раст од страна на DG NEAR и отворена дискусија со министрите од регионот за можностите максимално да се искористи ново дизајнираниот План за раст, во насока на зајакнување на кохерентноста на политиките и усогласување на помошта на ЕУ со домашните реформи и расположливи ресурси, информира Министерството за финансии.

Во фокусот ќе бидат реформите што се клучни за унапредување на економскиот и социјалниот развој во наредниот четиригодишен период, особено во делот на енергетската транзиција, бизнис окружувањето, животната средина, дигитализацијата, образованието и човечкиот капитал. Во тој контекст и инвестициските приоритети.

Планот за раст на Западен Балкан е нов инструмент на ЕК којшто треба да овозможи поврзување, поддршка на реформите и финансиска поддршка во вид на грантови и поволни заеми, со цел создавање поволни економски услови за граѓаните и бизнисот и побрза конвергенција и интеграција во ЕУ.

Планот се базира на четири столба кои се насочени кон забрзување на економската интеграција од земјите во регионот во Единствениот пазар на Европската унија, како и зајакнување на економската интеграција во Западен Балкан преку Заедничкиот регионален пазар, а преку спроведување на социо-економски и фундаментални реформи, за што на земјите им се ставаат на располагање шест милијарди евра во рамки на Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан.

Најнови вести од Македонија

To top