Во пресрет на европските избори членки на ЕУ предводени од Германија се спротивставија на предложениот закон што треба да донесе поголема транспарентност на финансирањето од странство. Предлогот најверојатно ќе биде вратен назад на доработка до новата Европска комисија, што ќе биде формирана подоцна оваа година.
Во декември, ЕК претстави нацрт-закон со цел да се зголеми транспарентноста на странското финансирање на невладини организации, лоби групи, консултанти и други кои спроведуваат „активности за застапување“ во име на земјите што не се членки на ЕУ.
Предлогот е по скандалот Катергејт во Европскиот парламент во 2022 година, кога пратеници беа обвинети за примање мито од Катар и Мароко преку група за човекови права основана од поранешен европратеник кој стана лобист.
Амбасадорите на ЕУ, вклучително и Германија, Полска и Унгарија, на неодамнешниот состанок повикаа на промени и неколку членки не сакаа да продолжат со предлогот во оваа фаза, велат извори за Фајненшл тајмс.
Висок дипломат на ЕУ рече дека предлогот претставува дилема за блокот.
„Шема што може добро да функционира во либерална демократија – со влада која го охрабрува и вреднува придонесот на граѓанското општество, лесно може да биде злоупотребена од нелибералните демократи/автократи“, изјави дипломатот за британскиот дневен весник.
Тој додаде дека ЕУ мора да најде начин да спречи такво сценарио. (МИА)