Германските власти соопштија дека пронашле докази за исламистички екстремистички мотив во минатонеделниот напад со нож во југозападниот град Манхајм, во кој смртно беше ранет полицаец, јавија американските медиуми.
Германскиот министер за правда, Марко Бушман, синоќа на социјалните мрежи напиша дека има „јасни индиции за исламистички мотив“ за нападот и дека федералните обвинители задолжени за случаите на тероризам и национална безбедност ќе ја преземат истрагата.
Федералното обвинителство денеска потврди дека ја презело истрагата, наведувајќи ја важноста на случајот и сомнежот дека е верски мотивиран.
Наводниот сторител е 25-годишен маж од Авганистан кој живее во Германија од 2014 година и се верува дека му било одбиено барањето за азил. Инспекторите изјавија дека човекот избодел неколку членови на група која себеси се опишува како спротивна на „политичкиот ислам“.
Петмина членови на Pax Europa се повредени, заедно со полицаец кој се обидел да го спречи нападот. Повредениот 29-годишен полицаец во неделата почина од здобиените рани.
Полицијата брзо се справи со нападот, пукајќи и ранувајќи го напаѓачот.
Нападот со нож се случи околу една недела пред гласањето за ЕП во Германија и доведе до повици од опозицијата и неколку политичари од владејачката партија до властите повторно да дозволат депортации во Авганистан, кои беа суспендирани кога Талибанците повторно дојдоа на власт во 2021 година, како и депортациите во Сирија. (МИА)