Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид се сретна со македонскиот атлетичар на средни и долги патеки, маратонецот Дарио Ивановски, којшто утре ќе се натпреварува на 8. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.
Претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски и неговиот тренер, мајорот Игор Јакимовски за пласманот на Летните oлимписки игри во Париз оваа година.
Ивановски ја запозна претседателката со текот на подготовките за настапот на олимпијадата во Париз.
Претседателката порача дека успесите на македонските спортисти претставуваат голема гордост за целата држава и неопходно е да се грижиме за нашите најуспешни репрезентативци на секое поле. Таа, истакнувајќи дека спортот и физичката култура се едни од најважните фактори за здравјето на нацијата, за внатрешна кохезија и надворешна промоција на државата, му посака на Ивановски многу успех на Олимписките игри, како и во натамошната кариера.
Ивановски е еден од најдобрите балкански атлетичари со голем број на македонски и балкански рекорди и засега е единствениот македонски спортист кој е со потврден настап на Летните олимписки игри.