Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го коментираше нападот во текот на ноќта врз шаторскиот камп во градот Рафа во кој загинаа најмалку 45 лица.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека целеле двајца високи лидери на Хамас во еден од комплексите на групата и ќе ги разгледаат извештаите дека пожарот се проширил во засолништата, загрозувајќи ги цивилите.
Нетанјаху рече дека Израел се обидел да ги заштити цивилите со евакуација на еден милион луѓе од Рафа, каде што се проценува дека имало околу 1,5 милиони луѓе пред почетокот на офанзивата. „И покрај нашите напори да не ги повредиме, се случи трагична грешка. Ние го истражуваме инцидентот. За нас тоа е трагедија, за Хамас тоа е стратегија“, рече Нетанјаху во парламентот.
Нападот дојде неколку часа откако Хамас истрела осум ракети од Рафа кон Тел Авив, први далечни напади врз градот од јануари.
Во соопштението објавено доцна синоќа по експлозијата во Газа, ИДФ соопшти дека „елиминирала“ двајца високи претставници на Хамас – Јасин Рабија и Калед Нагар – во „прецизен“ воздушен напад „во северозападниот дел на Рафа“.
Нападот предизвика бес кај светските лидери кои повикаа на спроведување на пресудата на Меѓународниот суд за запирање на израелскиот напад. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е огорчен од последните напади на Израел.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел рекоа дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата мора да се почитува.