Тироидната жлезда е одговорна за лачењето хормони коишто регулираат многу од витални телесни функции. А, доколку таа не функционира правилно, може да доведе до нерамнотежа на хормоните, што, на пр., предизвикува повеќе замор, болка и лошо расположение.
Хипертироидизам е состојба каде што тироидната жлезда произведува премногу хормони, а хипотироидизам е она кога се лачат премалку хормони. Зголемената жлезда може да се манифестира и како оток на вратот. Овој оток е обично безболен, но може да предизвика кашлање и отежнато зборување. Говорејќи за овие состојби, жените имаат поголема веројатност да ги добијат, отколку мажите. Во таа смисла, лекарите откриваат на кои симптоми посебно треба да се внимава.
Заморот и болките во мускулите се вообичаени знаци дека можеби имате болест на тироидната жлезда, како и чувствителност на топло – студено. Тоа е така поради послабото функционирање на тироидната жлезда.
А, тоа пак, понекогаш предизвикува и депресија кај многу луѓе. Натаму, според стручњаците, постарите луѓе со недоволно активна тироидна жлезда, може да бидат изложени на поголема опасност од губење на помнењето, додека децата може да доживеат побавен развој до пубертетот.
„Болеста на тироидната жлезда може да влијае на секого, но таа е почеста кај жените отколку кај мажите и обично се јавува на возраст од 20 до 40 години. Генетиката исто така игра голема улога, а истражувањето од ‘Веривел’ посочува дека приближно 64 насто од хормони што ја стимулираат тироидната жлезда се генетски предодредени, што би значело дека ако имате близок член на семејството со ова нарушување, и Вие сте изложени на зголемен ризик“, според сознанијата на Националната здравствена служба на Велика Британија.
Меѓутоа, ако во семејството има историја на болести како што се анемија или лупус, тоа, исто така, може да значи поголема изложеност на болести на тироидната жлезда. Тука спаѓа и дијабетес тип 1. Во оваа смисла, фактор на опасност е и навиката на пушење. Откажувањето од цигарите може да го намали ризикот од заболување на тироидната жлезда бидејќи тие содржат токсини што ја менуваат работата на самата жлезда. (МИА)