Нова акција за собирање на кабаст отпад ќе се спроведе во општина Кисела Вода. Како дел од активностите за заштита на животната средина, во периодот од 27 мај до 07 јуни во сите месни и урбани заедници на територија на општината, ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници кои бесплатно ќе го подигаат кабастиот отпад од пред домаќинствата или колективните згради, информираат од Општина Кисела Вода.
Пријавувањето почнува денеска и ќе трае до 23 мај. Секој жител на општина Кисела Вода кој поседува кабаст отпад и сака тој да биде подигнат и депониран на соодветна локација, ќе може да закаже термин на телефонскиот број 02/2785-427, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.
Од Општината појаснуваат дека кабастиот отпад треба да биде поставен пред објектот кој е претходно договорен, на безбедна локација со што не би се загрозила безбедноста на пешаците, велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот, кои ќе се движат во тој период.
-Само со одговорно однесување на секој поединец заеднички ќе можеме да ја одржуваме Кисела Вода чиста и уредна. Зачувувањето на природата и животната средина е наша заедничка обврска и одговорност, велат од Општина Кисела Вода.
Оттаму апелираме до сите граѓани да се приклучат на оваа акција, бидејќи, како што велат поддршката и заедничката ангажираност се од суштинско значење за заедницата.