Регион

Албанија во 2024-та ќе го зголеми бројот на војници во мисијата КФОР

На денешната средба во средата со командантот на КФОР, Озкан Улутас, Маљај изјавил дека Албанија го смета Косово за свој најголем приоритет.

Албанија во 2024-та ќе го зголеми бројот на војници во мисијата КФОР

Новоименуваниот амбасадор на Албанија во Косово, Петрит Маљај, изјави дека од 2024 година неговата земја ќе го зголеми своето присуство во Косово преку мировната мисија на НАТО, КФОР, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната средба во средата со командантот на КФОР, Озкан Улутас, Маљај изјавил дека Албанија го смета Косово за свој најголем приоритет.

– Пријателска средба со командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ… со кого разговаравме за безбедносната состојба на Косово. Генерал-мајор Улуташ ѝ се заблагодари на Албанија за поддршката на КФОР. Потврдив дека Албанија ќе продолжи да го поддржува КФОР, бидејќи нашата земја го има Косово како нејзин највисок приоритет. Исто така, оваа поддршка ќе продолжи, бидејќи во 2024 година Албанија ќе го зголеми своето присуство, напиша Маљај на Фејсбук.

Маљај денеска беше примен и од косовскиот премиер, Албин Курти, а на средбата, според соопштението од кабинетот на премиерот, станало збор за регионот на Западен Балкан, „каде што соработката меѓу државите треба да се заснова на демократијата и безбедноста, на ориентацијата и вредностите на НАТО и ЕУ“.

– Честитајќи му ја новата должност на амбасадорот, премиерот Курти ги пофали братските односи меѓу нашите две земји, нагласувајќи ја важноста на продлабочувањето и унапредувањето на соработката. Премиерот Курти ги издвои договорите меѓу Република Косово и Република Албанија, чие спроведување ги зајакнува нашите односи и ги зближува граѓаните од двете земји. Тие имаат директно и позитивно влијание врз нивните животи, бизниси и пошироко, се вели во соопштението.

Прес-службата на Владата на Косово во оваа прилика потсетува дека билатералните односи меѓу двете држави резултирале со потпишување на вкупно 184 договори, протоколи и меморандуми.

Амбасадорот Маљај на средбата со Курти ја изразил својата посветеност за унапредување на односите и истакнал дека се чувствува почестен и среќен што служи во Косово.

To top