Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), регион Охрид, на 8 јуни ќе ја реализира рекреативната велосипедска тура Охрид – Струга – Радожда.
Возењето се спроведува во рамки на Кампањата „На точат, Охрид и Струга да видам“ на ИПА, со што по осум пат се афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града Охрид и Струга со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека.
„Со оваа вело возење, сакаме да ги поттикнеме двата крајезерски града- идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување и изградба на вело патека означена со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација. Охрид и Струга како атрактивни туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристички мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што ќе е огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите и секако, за туристите од Македонија и светот“, вели претседателот на ИПА Охрид Стефан Димоски.
ИПА-вело турата Охрид – Струга – Радожда станува се поатрактивна за вљубениците во велосипедизмот од Македонија, а од лани со учество на преставници на странски ИПА-региони настанот доби меѓународен карактер.
„Во време кога државите градат велосипедски автопати, крајно време е и во охридско-струшкиот регион да имаме безбедни вело-патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на нашите небезбедни патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки“, додава Димоски.
Инаку, проектот за велоспедско поврзување на Охрид и Струга датира од 2016 година од тогашниот Општински совет за безбедност во сообраќајот, кога е иницирана и идејата за вело патека Охрид – Св.Стефан – Пештани.