Изборниот тек од вториот круг од претседателските избори, како и парламентарните избори во Дебар и Центар Жупа се одвива нормално, со зголемена излезност на граѓаните кои го остваруваат нивното граѓанско право, потврдуваат од општинските изборни комисии.
Во општина Дебар, до 11 часот гласале 802 лица или 4 отсто од вкупно запишаните 19.269 за претседателските избори, односно 1184 лица или 6 отсто од запишаните 19.334 за парламентарните избори. Во првиот круг од претседателските избори на 24 април излезноста беше 5 отсто.
Зголемена излезност е забележана и во општина Центар Жупа, каде до 11 часот на претседателските избори, од вкупно запишаните 7368 гласале 345 или 4,67 отсто. Во првиот круг, на 24 април, излезноста беше 4,47 отсто.
На парламентарните избори правото на глас во Центар Жупа го искористиле 349 или 4,73 отсто од 7383 лица, колку што се во избирачкиот список.
Во општина Дебар има 27 избирачки места и 16 во соседната општина Центар Жупа.