Кошаркарите на Реал Мадрид се првите патници на Ф4-турнирот во кошаркарската Евролига. Кралскиот клуб славеше над Басконија (102-98) и така со сигурни 3-0 во серијата се пласираа во битката за трофејот.
До третиот триумф Кралевите дојдоа со победа на гостински терен. Целиот натпревар беше полн со осцилации и за двата тима и доста промени. Во еден момент Басконија имаше и десет поени предност (70-60), но европскиот првак со серија 15-3 во финишот го сврти дуелот.
Јабуселе имаше фантастичен меч со 23 поени, седум скока и три асистенции, следеше Марио Хезоња со 16 поени, како и Факундо Кампацо со 13 поени. Кај Басконија, не помогна одличната партија на Хауард со 29 поени.