Направи низа грешки во текот на кампањата, од лошиот избор на неколку спотови (кој ли само го советувал дека може да и парира на Силјановска со спот во кој главната улога ја има неговата сопруга или со оние спотови за „моето кафе“, „мојот бурек“ и што ли уште беше), ги носеше децата на ЛГБТ промоција, до клучната грешка која ја направи пред некој ден со „27 април“ обвинувајќи ја главната противкандидатка дека ќе ги помилувала „насилниците“. Тоа е истиот Пендаровски кој своевремено изјави дека луѓето од 27 април „не се терористи“, што би значело дека лежат во затвор за дело кое не го сториле. Истовремено, тој за себе изјавува дека е легалист, што едно со друго не оди. Не може да оставиш луѓе да лежат во затвор за дело за кое велиш дека не го сториле, а во исто време да тврдиш дека си легалист, односно човек, претседател кој го почитува правото.
Всушност тој требаше помилувањето да го стори пред самиот почеток на кампањата, со што ќе им одвлечеше одреден број гласачи на ВМРО-ДПМНЕ и на Силјановска и ќе извлече голем дел од чергичето од под нозете на неговите противници. Што и да мислат, што и да кажат за „27 април“, недвојбено е дека тоа не беше тероризам и дека Пендаровски имаше шанса тоа да го исправи, а со тоа да порасне во очите на голем број Македонци. Ќе беше човечиште. Тој тоа не го стори, самиот на себе стана контрадикторен со изјавата дека тие луѓе не се терористи и ја стори една од крупните грешки во својот од кон втор мандат.
Сето тоа се вклопува во бледиот впечаток со кој се покри во текот на изминатите пет години, во кои не остави белег по кој би можел да биде запаметен. За тоа очигледно се свесни и во СДСМ, па затоа и го оставија сам да се „бори“ пред малиот број симпатизери кои ги посетуваа неговите митинзи и настапи. Не е јасно зошто повторно го кандидираа, но од друга страна, кој и да беше, тешко дека ќе настапуваше поинаку. На СДСМ и Пендаровски едноставно им недостасува победничка атмосфера, што се должи на општиот впечаток кој е надвиснат врз партијата што го кандидираше, чиј главен проблем е корупцијата од која Пендаровски не се дистанцирапше. Да, призна во неговите говори дека со борбата со корупцијата се застанало на половина пат (што не точно, бидејќи се застана на почетокот, а не на половина пат, додека корупцијата едноставно ја „изеде“ Македонија), дека биле правени грешки, но тоа признание, прво, беше премалку експлоатирано од неговиот очигледно лош штаб, и второ, не помина кај граѓаните. Поради што имаше дури и смешни митинзи како тој во Кисела Вода, кога имаше повеќе луѓе на бината отколку на платото пред бината.
Оттука се чини, неговата улога е завршена. Последна надеж му се гласовите на Албанците во вториот круг, но се чини дека и таа надеж ќе остане празна. Ова не е 2019 година ниту 1999 година кога Борис Трајковски со полнење на кутиите во албанските средини и со претовар на албанските гласови ја надомести огромната разлика која Тито Петковски ја оствари во првиот круг. Овој пат, по се изгледа барем половина од Албанците не се подготвени да служат како монета за поткурусување во борбата меѓу Пендаровски и Силјановска и нема да му ја донесат победата во вториот круг. Посебно, ако Силјановска оствари значителна разлика.
Уште повеќе што, ќе биде крајно нелогично Таравари и албанската опозиција кои според анкетите „држат“ половина од гласовите на Албанците во Македонија, да глумат фронт наспроти актуелната влада, а да ги повикаат своите симпатизери во вториот круг да го поддржат пуленот на власта, посебно што и самите се свесни дека претседателот нема никаква улога во уставните измени кои се услов на албанската опозиција за коалиција.
Така што, се чини дека резултатот во среда е познат. Не е позната само разликата помеѓу двајцата кандидати и не познато како ќе се однесуваат во вториот круг гласачите на останатите тројца кандидати од македонска националност (Ванковски, Димитриевски и Јакимовски) иако се чини дека во оптимистичко сценарио за Пендаровски и тие гласови ќе се поделат меѓу него и Силјановска, што нема да може да му донесе пресврт.
Пендаровски ќе има многу време да размислува зошто доживеал пораз иако листата е долга. Сумирано, освен една од клучните стретшки грешки што ја направи со „27 април“, сумирано, се се’ сведува на неговиот блед мандат, на тоа дека Гоце е Бугарин, на лагите дека не го видел францускиот предлог за потоа да каже дека тој учествувал во неговото изготвување, на фактот дека тој во ниту еден момент во изминатите пет години не се обиде да се приближи до оние кои не се негови симпатизери или кои се неопределени, односно кои спаѓаат во групата наречена „скопски шемаџии“ кои „политиката не ги интересира“… Фактот што и тој се гордее со „Северна“ и со преименувањето на државата (можеше барем да создаде впечеток дека бирал меѓу две зла) го остави закотвен во умовите на тврдото крило симпатизери на СДСМ кое како минуваа годините се повеќе се тенчеше. Точно, зад себе нема ниту една афера, макар бенигна (се сеќавате, еден сегашен голем новинарски вмровец се обидуваше на времето за Иванов да искреира афера со набавка на вратоврски), барем јавноста не знае и не чу такво нешто, но фактот што остана врзан за СДСМ и ДУИ (многумина сметаат дека затоа Ковачевски не одел на неговите митинзи, за да се направи некаква дистинкција меѓу него и до срж корумпираната партија), фактот што не се наметна како лидер на народот чие мислење се почитува, сеедно на ограничените надлежности, фактот што го прогласи Гоце Делчев за Бугарин (така му рекле историчарите кои ги консултирал, а небаре не знае сам да чита и небаре не можеше да ни ги каже тие „експерти“ по историја), фактот што се обиде да искреира „компромис“ со Бугарија според кој Гоце и другите биле Бугари, ама се бореле за Македонија… се на се, има збир на нешта кои го даваат резултатот што во среда навечер ќе му биде испорачан. Точно е и тоа дека ќе влезе во вториот круг, точно е и тоа дека во политиката, посебно македонската се е можно, но се чини дека ова е почеток на неговиот крај како претседател. Грешката е што за гласачите во среда, требаше да мисли уште во првиот ден кога седна во фотелјата на Водно, а не само во овие денови на кампања. Сега веќе е касно.