Бранислав Брано Мичуновиќ почина денеска во Будва, соопштија за „Вијести“ од повеќе извори. По потекло од Никшиќ, Мичуновиќ имаше развиен бизнис во Црна Гора, но најчесто беше споменуван како човек кој управувал со организиран криминал, што тој постојано го демантираше. Важеше за пријател на поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ.
Во средината на ноември минатата година, Соединетите Американски Држави (САД) воведоа санкции против него и Миодраг Дака Давидовиќ, поради, како што се наведува, нивната поврзаност со криминалот и злонамерното влијание на Русија во регионот.
Ова подразбира блокирање на целиот нивен имот во Америка или на оние кои се контролирани од лица блиски до нив во таа земја. Во образложението на одлуката се наведува дека Мичуновиќ со децении е водечка фигура во организираниот криминал во Црна Гора, од времето на поранешна Југославија.
– Тој е најпознат по нелегалниот шверц на цигари, кој ја корумпираше и ја поткопа независноста на демократските институции на Црна Гора, се вели во соопштението.
Мичуновиќ беше обвинет за учество во коруптивни активности со една од владите на Западен Балкан и актуелен или поранешен владин функционер.
„Мичуновиќ е означен… за одговорност или соучество во, или директно или индиректно учество во, корупција поврзана со Западен Балкан, вклучително и корупција од, во име, или на друг начин поврзана со влада на Западен Балкан, или сегашен или поранешен владин функционер на кое било ниво на власт во Западен Балкан, како злоупотреба на јавен имот, експропријација на приватна сопственост за лична корист или политички цели или поткуп“, се вели во одлуката на САД.
Во минатото беше обвинет за убиство на сограѓанинот Радован Ковачевиќ во октомври 2000 година, но во 2007 година беше правно ослободен, бидејќи никој од оние на местото на настанот не го идентификуваше како личност која пукала.
Мичуновиќ беше еден од обвинетите во Бари за шверц на цигари во текот на деведесеттите, но постапката пред локалниот суд беше прекината поради застареност. Во истрагата биле опфатени петнаесетина лица од Црна Гора и Италија, меѓу кои и тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ. Сите тие подоцна беа ослободени од формални причини.
Мичуновиќ беше косопственик и сопственик на повеќе компании од областа на коцкањето и градежниот бизнис во Црна Гора.
Почина како последица од мозочен удар
Мичуновиќ почина во приватна клиника во Будва како последица на мозочен удар. Долго време имаше здравствени проблеми, а беше и опериран. Долго време важеше за недопирлив бизнисмен. Тој често беше поврзуван со криминални дејствија, иако и самиот неколку пати го негираше тоа.
Роден е 1953 година во Никшиќ, оженет е со Светлана со која има син и ќерка. Студирал економија во Нови Сад, но не останал долго на универзитетот, ниту во земјата.