Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по пожарот што ја зафати Универзална сала, денеска изјави дека Министерството за култура ги чека наодите од Јавното обвинителство, од Министерството за внатрешни работи, од Државниот инспекторат за труд и упати апел да не се шират шпекулации до официјалните информации за причините и штетите од пожарот.
-Едно сакам да ја уверам македонската јавност, дека после завршувањето на овој процес, градежните активности ќе продолжат и Универзална сала ќе се изгради и Универзална сала ќе биде вратена на скопјани, рече министерката за култура која доаде дека она што се случи во Универзалана сала за жал е една девастирачка слика за сите.
Костадиновска-Стојчевска, одговарајќи на новинарско прашање изрази жалење за настаната ситуација, зашто како што рече и како министерка за култура и како Министерство, поминавме две годишен процес на убедување со Град Скопје за градската управа да ја препознае важноста на објектот, да не биде оставен на забот на времето, да не ги претрпи атмосферските промени што ги претрпе.
-Она што го предвидовме преку информацијата на Влада е дека финализацијата на реновирањето на објектот е крајот на 2027 година. Меѓутоа, се надевам дека тој процес ќе биде забрзан затоа што Универзална сала, како што кажуваме од самиот почеток, и тоа како е потребна, рече министерката за култура која повтори дека по добивањето на сите релевантни наоди дека може да се продолжи со градење, Министерството за култура ќе продолжи со активностите со цел запазување на зацртаниот рок, Универзална сала да биде вратена назад на скопјани и на граѓаните на Република Македонија.