⁹Возачот на Ред Бул и актуелен шампион, Макс Верстапен, триумфираше на трката за ГН на Јапонија, четвртата трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1. Верстапен стигна до нова победа на доминантен начин откако водеше од почеток до крај на трката.
Трикратниот светски шампион трета година по ред славеше на популарната патека во „Сузука“ и со тоа дојде до 57-та победа во кариерата.
Холанѓанецот го забележа третиот триумф сезонава и се погрижи да биде на највисокото скалило на подиумот на секоја трка што ќе ја заврши.
Најблиску до бранителот на титулата беше неговиот тимски колега Серхио Перес, додека возачот на Ферари, Карлос Саинц јуниор беше на третото место на подиумот. Шпанецот успеа да стигне до подиумот на сите трки што ги возеше оваа сезона, откако е познато дека ја пропушти трката во Саудиска Арабија, поради операција на слепо црево.
По денешната трка во генералниот пласман води Верстапен со 77 бодови, а зад него е Переz со 64, додека Леклер е трет со 59 бода.
Следната трка во Формула 1 шампионатот ќе се вози за Големата награда на Кина на 21 април.