„Македонија е одземена од народот, за жал наместо државата да му припадне на суверенот, а тоа е народот на кој што и треба да му припаѓа, државата во нашиот случај е украдена од народот од страна на една мала група на луѓе кои од денеска уште неколку недели ќе бидат во владата на Република Македонија. Таа група на луѓе ја предводат првенците од ДУИ на чело со Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и малкумина измеќари од СДСМ кои сеуште се таму слепи послушници на политиките на ДУИ и Али Ахмети“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Зрновци.
Мицкоски потенцираше дека овие луѓе се виновни за неправдата, криминалот, опустошувањето, понижувањето, за целото зло кое и е нанесено на Македонија во изминатите 6 и половина години.
„Ќе ве потсетам, сетете се поради нивната неодговорна политика живи луѓе гореа во модуларната болница во Тетово; поради нивната криминална политика и начин на кој ги издаваат дозволите за да туристичките агенции управуваат со возилата десетици луѓе за жал го загубија својот живот не далеку од главниот град на нашиот источен сосед во трагедијата на „Беса транс“, се сеќавате колкумина од нив ветуваа дека ќе донесат живот какви ти се не знам услови за работа на земјоделците, загарантиран откуп по загарантирана цена, а 6 и половина години нивите ни останаа неорани, младите си заминаа, земјоделците се помалку се занимаваат со земјоделието затоа што не само што нема загарантиран откуп туку и тоа малку што денес се обработува и произведува нема кој да го купи“, дециден е Мицкоски.
Претседателот Мицкоски истакна дека дури и на СДСМ им е јасно дека победник на следните претседателски и парламентарни избори ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија и Гордана Силјановска Давкова.
„Затоа ни е потребно ова обединување, затоа ни е потребна масовна излезеност. Сите заедно најпрво на 24 април да ја направиме Македонија горда, а потоа на 8 мај да ја направиме и горда и твоја со победа на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Твоја Македонија“, рече Мицкоски.