Македонската женска ракометна репрезентација обезбеди пласман на Европското првенство (ЕП) кое ќе се одржи во декември, откако попладнево го совлада Азербејџан во Баку со 37-22 (19-12) во претпоследниот натпревар во квалификациската група 5.
Од Ракометната федерација на Македонија се огласија по победата, честитајќи им го пласмот на ЕП на девојките.
-Сениорската женска ракометна репрезентација на едно коло до крајот на квалификациите се пласираше на EHF EURO 2024 година кое ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија. За македонската женска репрезентација ова ќе биде седмо учество на Европските првенства во својата историја, второ по ред. Нашите ракометарки имаат една желба – полни трибини против Литванија во последниот квалификациски натпревар, велат од РФМ.
Мечот е закажан за 7 април во СЦ „Борис Трајковски“, почеток 18 часот, а влезот е слободен.
Од РФМ порачуваат навивачите да дојдат и заедно да го прослават пласманот на Европското првенство, нашите ракометарки заслужуваат максимална поддршка.