Култура Создаваше пишани непроценливи богатства

Сцената во Драмски театар го носи името на Ристо Стефановски: Вечен спомен за човекот со изглед како карпа, а душа како памук

Стефановски нè напушти пред две години, но само физички, бидејќи ни остави толку пишани зборови, такво богатство и културно наследство, што нема никогаш вистински да останеме без него.

Сцената во Драмски театар го носи името на Ристо Стефановски: Вечен спомен за човекот со изглед како карпа, а душа како памук

И до сега не беше можно да зборуваме за Драмски театар, а да не го спомнеме големиот Ристо Стефановски. Човекот кој над 25 години беше директор на овој театар, кој ги постави темелите во секоја смисла. А од сега, секое влегување во Драмски театар ќе биде потсетник за постоењето на театрологот, автор, добитник на низа награди. Кусо опишан, Стефановски беше една подвижна енциклопедија за културата во Македонија.

Од вчера, сцената во Драмски театар го носи неговото име. По свечена промоција на монографијата за него, блеснаа буквите на името и презимето на човекот кој живееше за театарот. Членови на неговото семејство, бројни колеги актери и почитувачи на неговото дело беа дел од еден прекрасен настан во Драмскиот театар. Се потсетија на неговите први чекори на оваа локација во Скопје, слушнаа за визијата која ја имал и постапките со кои истата ја реализирал.  Му се поклонија уште еднаш и го почестија со аплауз.

Стефановски нè напушти пред две години, но само физички, бидејќи ни остави толку пишани зборови, такво богатство и културно наследство, што нема никогаш вистински да останеме без него.

И идните генерации кога ќе го посетат Драмски театар и ќе слушнат за името на салата, ќе прашаат: „Кој бил Ристо Стефановски“? На ова прашање има големи одговори.

За тоа кој беше Стефановски службено, може многу да се зборува.

Ристо Стефановски е роден на 5 декември 1928 година во Скопје. Се образувал на Државната театарска школа во родниот град, а потоа студирал глума на Театарската академија во Белград. Во периодот од 1951 до 1960 година работел како глумец во Народниот театар во Скопје, а од 1957 до 1983 година раководел со Куклениот театар кој подоцна прераснал во Драмски театар. Во меѓувреме ги завршил студиите на Факултетот за драмски уметности во Белград, на отсекот за организација. Од 1983 до пензионирањето во 1988 година бил извршен директор на Македонскиот народен театар.

Тој бил дел од жирито на фестивалите Стериино позорје во Нови Сад (1988/89) и на Мали и експериментални сцени во Сараево (МЕСС, 1990). Освен тоа, бил претседател и на Меѓународниот театарски институт во Македонија (1994-1996) и на Советот на МТФ „Војдан Чернодрински“ (1995/96).

Напишал повеќе книги и текстови за театарската уметност. Автор е на книгите: „Театарот во Македонија“ (1976), „Театарот во Македонија од античкиот период до 1944 година“ (1990), „Од Хераклеја до народен театар во Битола“ (1994), „Театарот во Македонија – од партизанскиот до Младинско-детскиот“ (1998); историографските дела „Театарот во Македонија (1963-1967)“ (2006) и „Подемот на театарот (1968-1971)“ (2006); а се јавува и како соавтор на бројни трудови од областа на теаатарската дејност, вклучително „30 години Драмски театар“ и „Летопис на МНТ 1945-1995“.

Добитник е на бројни награди и признанија, вклучувајќи ги наградата „13 Ноември“, наградата „11 Октомври“, Стериината награда за животно дело, наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело и наградата „Св. Климент Охридски“…

Ја имав таа привилегија да го познавам лично. Прв збор кој ми доаѓа на мисла кога сакам да го опишам е “господин“. Човек кој беше олицетворение на сите позитивни карактерни особини, издигнувач на семејните вредности.

На сите им се обраќаше со почит. Им персираше на помлади, имаше трпение и разбирање за секого. Џентлмен!

Кој беше Стефановски приватно? Посветениот сопруг на Дивна, грижливиот татко на Богица и Тања, најпрекрасен дедо на Сања, Елена, Благоја и Ања. Дочека и правнуци.

И ние, другарите на неговите внуци, го викавме „дедо“ иако не ни беше навистина дедо. Секогаш добредојдени кај него на гости, навикнати да застане да нè пречека и да стане да нè испрати.

Од него можеше многу да се научи. И научивме. Го гледав често како пишува. Со везен ракопис. Се прашував како е можно да помни толку работи, толку факти. Во сеќавање ми е неговиот лик додека создаваше пишани непроценливи богатства, беше спокоен, среќен.

На изглед силен како карпа, во душата мек како памук. Голем човек во секоја смисла.

Ми беше чест што го познавав дедо Ристо, а ќе ми биде уште поголема чест за него да им зборувам на луѓето кои не го познавале.

И едвај чекам мојата ќерка кога ќе порасне и кога ќе ја однесам во Драмски да ми го постави прашањето: „Кој бил Ристо Стефановски“? Имам многу што да ѝ кажам.

 

Ивана Ефремовски

To top