Минатиот пат изгуби Оливер Спасовски, мене сеедно ми е кој ќе биде во изборна единица 2, ама еве и кога е Спасовски јас можам да кажам само афери, скандали. Од истите страдаше народот, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на гостување во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа.
„Знаете што се случуваше со пасошите кои се издаваа на криминалци, потоа понижувањето на граѓаните за да си извадат личен документ. За Спасовски слушавме за скандали како Дурмо турс, Беса транс во кои умираа наши граѓани. Унапредуваше и вработуваше во МВР бивши градоначалници на СДС без никакви квалификации за ова министерство. Исчезнуваше оружје од МВР, исчезнуваше дрога и сите знаеме кој е одговорен за тоа. Се пукаше во центарот на градот, во општините Центар, Бутел. Едноставно граѓаните не беа безбедни“, кажа Мисајловски.
Дополнително, додаде Мисајловски, тераат само негативна кампања затоа што нема со што да се пофалат, затоа имаат само црна кампања.
„На претстојните избори ќе доживеат огромен пораз, ќе ги поразиме во сите шест изборни единици. Овие носители на листи од СДСМ се избрани за да си го добијат имунитетот кој следува со пратеничкиот мандат и ништо повеќе. Кај нив носители се лица со скандали, корупција зад себе и нив ги интересира само пратеничкото место“, изјави Мисајловски.