Фудбалската репрезентација на Македонија во петок во Анталија ќе го одигра првиот од двата пријателски натпревари.
Противник на избраниците на Благоја Милевски ќе биде репрезентацијата на Молдавија. Капитенот на репрезентацијата Енис Барди на прес-конференцијата вели дека овие контролни средби ќе бидат одлични за поправање на грешките пред новата сезона во Лигата на нации и квалификациите за СП 2026.
Мислам дека сите фудбалери доаѓаме во коректна форма на овој собир. Мислам дека е важно овие мечеви само да сме сконцентрирани и да бидеме подготвени за тоа што ќе не очекува во иднина. Овие два меча ќе бидат тест да видиме до каде сме и да се обидеме да ги поправиме грешките за мечевите кои не очекуваат во Лигата на нации. Околу тактиката не е мое да зборам, бидејќи тоа е работа на селекторот. Ние сме подготвени за секоја улога која ќе ни ја даде селекторот. Среќни сме што сме заедно по долго време и едвај чекавме повторно да бидеме дел од репрезентацијата. Наше е само да дадеме максимум. Молдавија е сериозен противник кој беше блиску до ЕП и ќе бидат одличен тест за тоа што не очекува во иднина. Не постојат веќе пријателски натпревари во фудбалот. На секој меч кога се игра за репрезентацијата мора да се даде максимум, изјави Барди.