Вести

ЕК започна постапка против „АлиЕкспрес“ поради сомнеж за кршење на Законот за дигитални услуги

Европската комисија денеска започна формална постапка со цел да утврди дали компанијата „АлиЕкспрес“ го прекршила Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) во делот на управувањето и ублажувањето на ризиците, карактерот на објавените содржини, внатрешниот механизам за жалби, транспарентноста на рекламирањето и пристапот до податоци.

ЕК започна постапка против „АлиЕкспрес“ поради сомнеж за кршење на Законот за дигитални услуги

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕК реши да започне постапка против „АлиЕкспрес“ врз основа на претходно спроведената прелиминарна истрага за сомнежите за прекршување на ДСА, анализата на извештајот за проценката на ризикот од август 2023 година, како и одговорите на компанијата на нејзините барања за информации од 6 ноември минатата и 18 јануари оваа година.

Постапката ќе се фокусира на проверка на усогласеноста со обврските на Законот за дигитални услуги поврзани со системските ризици од ширење на илегална содржина, како и реалните или предвидливите негативни ефекти во заштитата на потрошувачите од одредени производи кои претставуваат ризик по здравјето, од пристап до порнографски материјали и незаконски содржини или од намерна манипулација.

Исто така ќе се истражува и усогласеноста со можноста на корисниците да известуваат за нелегални содржини и пристапот до јавно достапните податоци, обезбедувањето ефикасен внатрешен систем за постапување по жалби и транспарентност и оценувањето на веродостојноста и комплетноста на информациите за трговците кои го користат „АлиЕкспрес“.

Доколку се докажат овие сомнежи, тоа би значело дека „АлиЕкпрес“ прекршува десетина членови на Законот.

Со формалното отворање на постапката, Комисијата ќе продолжи да собира докази, но сега ќе може да преземе и дополнителни чекори, како што се изрекување на привремени мерки за отстранување на неусогласеноста.

Со ДСА не се предвидува законски рок во кој треба за заврши покренатата постапка. Нејзиното времетраење ќе зависи од сложеноста на случајот, степенот на соработка од страна на „АлиЕкспрес“, како и од можноста компанијата да го користи правото на одбрана.

To top