Трошоците за обновување на државната научна инфраструктура на Украина, уништена за време на руската агресија, изнесуваат повеќе од 1,26 милијарди долари, се наведува во извештајот на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).
Според новото истражување објавено денеска од страна на УНЕСКО и Малата академија на науките на Украина, 1.443 згради кои припаѓаат на 177 научни институции биле оштетени или уништени во последните две години.
„Реконструкцијата на овие згради ќе чини повеќе од 1,21 милијарди долари. Од тоа, 980,5 милиони долари – само за универзитетите кои претрпеа најголеми загуби“, се наведува во извештајот и се додава дека научната инфраструктура на регионот Харков е најмногу погодена.
Според извештајот, голем дел од опремата е уништена или украдена, а оштетени се повеќе од 750 единици научно-техничка опрема, од кои 643 единици не можат да се обноват. Вкупните трошоци за реставрација на опремата за истражување се проценуваат на 45,9 милиони долари.
„Привремената окупација на територијата од страна на руските војници, исто така, има значајно влијание: 18 научни институти беа принудени да се преселат, некои од нив спроведуваат истражување за локалната биолошка разновидност и екологија, што не може да се продолжи од далечина“, се наведува во извештајот. Се истакнува дека особено загрижува ситуацијата околу Институтот за безбедносни проблеми на нуклеарната централа на Националната академија на науките на Украина, која се наоѓа во близина на Запорожје.
Според студијата, војната ги распрснала и украинските научници низ земјата, па дури и надвор од неа, а условите за нивната работа се влошиле. Во февруари 2022 година, 88.629 истражувачи работеа во јавниот истражувачки сектор. Оттогаш, 12 проценти (10.429) од истражувачите и професорите од 524 институции и универзитети биле принудени да се преселат на други места во Украина (4.887) или во странство (5.542). Во моментов, најголемиот број украински научници се во егзил во Германија и Полска. Бројот на научници вработени во државниот истражувачки сектор на Украина е намален за 4.958 луѓе (5,3 проценти).
Поради војната, финансирањето на науката во Украина исто така е значително намалено. Според податоците на Институтот за статистика на УНЕСКО, бруто домашните расходи за истражување и развој во периодот од 2021 до 2022 година се намалени за 38,5 отсто. (МИА)