Фудбалската федерација на Камерун официјално изрече суспензија за дури 62 фудбалери кои во минатото настапувале со лажни документи и давале погрешен приказ за својата возраст, јавија повеќе светски медиуми.
На оваа листа е и до неодамна анонимниот Натан Дуала, кој настапи на Африканскиот Куп на нации како 17-годишник, но испадна дека тој всушност имал 26 години.
Неговиот точен датум на раѓање и натаму останува непознаница за јавноста, а федерацијата со овој потег сака да стави крај на оваа појава, за во иднина африканските фудбалери да можат без проблеми да настапуваат во силните европски лиги и да нема никакви сомнежи за нивната возраст.
Скоро сите суспендирани играчи се членови на клубови од домашното првенство, но има и такви кои играат во пониските лиги ширум светот.
Дури тринаесет играчи доаѓаат од еден клуб, а тоа е КСА Спортс Академи, кој се натпреварува во вториот ранг во Камерун, а официјалната суспензија беше најавена од претседателот на федерацијата, славниот Самуел Ето.