Овој светител беше презвитер во Александрија во времето кога патријарх во тој град беше еретикот Диоскор, еден од покренувачите на монофизитската ерес, којашто учеше дека во личноста на Исус Христос нема две природи туку една. Во тоа време царуваа Маркијан и Пулхерија. Протериј, кој беше благочестив и свет маж, стана против Диоскор и за ова претрпе многу беди. Тогаш беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, на којшто монофизитската ерес беше осудена, Диоскор симнат од престолот и испратен во прогонство. На негово место беше избран овој правоверен маж Протериј. Тој управуваше со Црквата со ревност и со љубов на вистински Христов следбеник. Но следбениците на Диоскор не престанаа да создаваат смут во Александрија. При еден ваков крвав метеж Протериј излезе од градот со намера привремено да се оддалечи, но на патот му се јави Пророкот Исаија и му рече: „Врати се во градот, те чекам за да те земам“. Протериј се врати и влезе в црква. Кога слушнаа дека се враќа, дрските еретици навалија во црквата, го фатија патријархот и го избодија со ножеви. Тогаш со Протериј загинаа уште шестмина христијани. Така прими маченички венец за православната вистина овој прекрасен пастир на Христовото стадо во 457 година.
Тропар
Преисполнет со духот кој кај тебе го засади Христос Спасителот, преку великиот Кирил, ти пастиру, Протерие, чашата милостива докрај ја испи, со венец маченички се закити од Оној Кој за вистината дарува, докрај останувајќи верен на Господа, Кого ние, по твоите молитви, Го исповедаме, Него и Синот Негов во две природи, и Духот Свети, Кој од Него исходи – Бога Троичен – во сите векови.
Свети Василиј Исповедник
Другар и соработник на Свети Прокопиј Декаполит. Василиј верно го следеше својот учител Прокопиј и во време на мир и кога беа гонењата. Претрпе многу маки од иконоборците. А кога иконоборците пропаднаа, по Божја Промисла Василиј се врати заедо со Прокопиј во својот манастир и таму во пост и молитва поживеа долго и се упокои мирно во 747 година.
Тропар
Во младоста твоја љубовта Христова те освои блажен Василие и Иконата Негова за тебе врата кон животот вечен постана. Непрестајно вистинската вера исповедајќи ја се вподоби на големиот Прокопиј – твојот учител, моли се за нас, свет исповедниче, докрај во Вистинската вера да останеме.
Светиот свештеномаченик Нестор, епископ Магидиски
Се одликуваше со голема кротост. Во времето на Декиј беше изведен на суд и луто мачен за Христа. Пред смртта виде во видение жртвено јагне и ова си го протолкува како знак на својата скора жртва. Беше мачен од епархот Публиј и најпосле го распнаа на крст во Пергија во 250 година.
Света Кирана Солунска
Света Кирана се родила во првата половина на 18 век, во солунското село Ависона, во семејство на благочестиви христијани. Како убава девојка, една група јаничари ја грабнале и ја однеле во Солун, кои лажно тврделе дека Кирана се согласила да ја прими нивната вера. Кирана смело и непоколебливо одговорила дека таа не сака да се потурчи. Поради тоа, ? биле ставени окови и била фрлена во затвор. Командирот на затворот им разрешил на јаничарите да влегуваат во ќелијата на Кирана и да ја измачуваат како што ќе посакаат. Така, еден ја тепал со дрво, друг со нож, трет со клоци, с? додека не ја оставиле полумртва. На тој начин била измачувана една седмица. На седмиот ден, на 28 февруари, издивнала. И тогаш се случило чудо: голема светлина блеснала во затворот, која го опкружувала телото на маченичката и се разлевала низ целиот затвор. Наредниот ден им било разрешено на христијаните да го земат нејзиното тело. Ја погребале надвор од градот, во христијанските гробишта.
Тропар
Девственице света, Кирано невесто Христова, мачеништвото твое од Бога примено, благодат подарува на оние кои го чествуваат твоето трпение во маките, Господа Го прославуваат и тебе те молат, светило запалено да бидеш за нашето спасение, пред Оној за Кого душата твоја ја оневести.
Блажениот Николај, Јуродив Псковски
Живееше со живот на јуродив во градот Псков во времето на царот Иван Грозниот и се упокои на 28 февруари 1576 година.