Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека изборите за градски власти во Белград ќе се одржат најдоцна до 2 јуни.
– Направив грешка кога реков дека новите избори ќе бидат најдоцна до 5 мај на Велигден, но тоа не е законски прецизно. Најдоцниот датум за распишување избори е 3 април, па поради тоа е можно да се одржат на 2 јуни – изјави Вучиќ, по состанокот во Претседателството.
Вучиќ најави дека одржал консултации со „сите изборни листи што тоа го сакале“.
Во обраќањето до јавноста, српскиот претседател се осврнал и на надворешнополитичката ситуација.
– Србија се наоѓа во тешка геополитичка ситуација, како земја што е политички неутрална и единствена во Европа што не ѝ вовела санкции на Русија. Под голем притисок сме – изјави Вучиќ.