Македонија

Мицкоски: Новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги награди сите наставно образовни лица кои се занимаваат со наука сo дополнителни 50% секој месец во неговата плата, потребна е мотивација

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната дебата „Образовна платформа за иднина“ на тема „Нов концепт за развој на образованието“ која се одржа во Куманово спомена дека основниот фундамент е враќање на претшколското образование во рамките на министерството за образование.

Мицкоски: Новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги награди сите наставно образовни лица кои се занимаваат со наука сo дополнителни 50% секој месец во неговата плата, потребна е мотивација

„Потребно е образованиот процес да биде комплетен. Сега имаме чувство дека образовниот процес не е комплетен. Кога зборувам дека не е комплетен, мислам во рамките на министерството за образование. Имаме основно, имаме средно и високо образование. Но, ни недостасува еден фундамент односно базата, а тоа претшколското образование, односно популарно наречените градинки. Тие се сега под одговорноста на министерството за труд и социјална политика. Во оној процес на реорганизирање и реструктуирање на Владата каде што планираме фундаментални реформи бидејќи цениме дека Владата вака како што е составена некако како да не одговара на современите текови кои што се потреба на граѓаните“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ планира реорганизација во Владата, во самите ресори.

„Претшколската едукација односно предосновното образование треба да го вратиме онаму каде што припаѓа, а тоа е во рамките на министерството за образование и наука“, нагласи тој.

Тој рече дека е потребно и мотивација на наставно образованиот кадар.

„Потребно е да се поработи и на мотивација на наставно образованиот кадар. Како ќе се мотивираме? Ќе се мотивираме како што се мотивираат во најголем дел од случаите, многу помалку луѓето денеска се мотивираат на поинаков начин освен материјално и финансиски. ние се обидовме во нашата програма да најдеме еден вид синергија помеѓу науката и финансиското мотивирање. И што направивме? Дадовме предлог во кој што секој оној наставно образовен кадар на високо образовните институции кој што ќе објави труд во списание со фактор на влијание, а тоа списание е дел од индексираната база „Томсон Ројтерс“ позната во науката како „web of science“ тогаш следната година државата ќе одвои дополнителни 50% секој месец за неговата плата“, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски укажа дека ако за наставното образовно лице одвојува државата за неговата месечна плата нето 60.000 денари, а тој во претходната година објавил труд во списание на влијание, тогаш следната година 12 месеци државата ќе одвојува 90.000 денари за тоа образовно лице секој месец. Секој кој што ќе се занимава со наука ќе биде награден.

To top