Засилување на инспекцискиот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за да се види навистина состојбата во градинката со вакцинирани и невакцинирани деца, да се овозможи тестирање за пертусис (голема кашлица) низ целата држава од центрите за јавно здравје за кое досега немаше таква можност, а дигиталната евиденција за вакцинација на децата во вакциналните пунктови да биде задолжителна за подобар преглед, се новите препораки Комисијата за заразни болести (КЗБ) по нејзиното вчерашно заседавање во однос на спречување на пертусис.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ вчера информра дека од 15 март се очекуваат и вакцини против пертусис за возрасни.
Од 123 заболени со пертусис, најголемиот број , 119, се во градот Скопје, по еден во Дебар, Тетово и Струмица
-Оправданоста на епидемијата што е прогласена во градот Скопје, уште еднаш се потврдува и со последниот извештај добиен од Институтот за јавно здравје. Спорадично имаме појава на по еден случај – Дебар, Тетово и Струмица, меѓутоа сѐ уште не можеме да кажеме дека состојбата се разговорува на национално ниво, што е добро, истакна Мехмедовиќ.
Вакциналните пунктови во Скопје работат во две смени и според Мехмедовиќ вакцинацијата се одвива добро и продолжува со исто темпо.
– Од 18 јануари до 29 февруари, по препорака на Комисијата за заразни болести, а по наредба на Министерството за здравство, работат вакциналните пунктови во Скопје во две смени и аплицирани се вкупно 22.395 дози вакцини. Заклучокот е дека вакцинацијата се одвива добро и оти ќе продолжи со истото темпо и на граѓаните, односно на родителите, ќе им бидат достапни овие вакцинални пунктови и во иднина, појасни Мехмедовиќ.
Процедурата за пристигнувањето и регистрацијата на вакцините кои се очекуваат на 15 март е надлежност на Комитетот за имунизација. Предност за вакцинирање, според КЗБ, се дава на возрасните кои живеат со деца под две години, а кои се под посебен ризик да заболат од пертусис и кај кои би имало тешка клиничка форма на болест. Исто така и вработените кои се во директен ангажман и се во контакт со децата на оваа возраст, а како што рече Мехмедовиќ би требало да се вакцинираат и бремените жени во третиот семестар од нивната бременост со цел дететото кога ќе биде родено да има одреден имунитет против пертусис и во првите два месеца додека не биде примена првата вакцина.
Останува апелот на Комисијата за заразни болести да се вакцинираат сите деца кај кои има доцнење во вакцинацијата. Секое задоцнување со вакцинацијата предизвикува последици што, укажа Мехмедовиќ, после тоа се рефлектираат во одложувањето на останатите вакцини. Во контекст на тоа посочи на морбилите кои се во подем во регионот, што се оценува како сериозна закана за државава затоа што имаме низок процент на вакцинација од морбили.
КЗБ порачува родителите да бидат во тек со сите вакцини од задолжителниот карактер за имунизација.
-Доколку се следи редовниот календар на имунизација, нема потреба да се одложи ниту една вакцина. И затоа е најдобро родителите, кога веќе ќе бидат совесни да го следат календарот за имунизација затоа што во тој случај ниту МРП вакцината ќе се одложи поради ДТПР вакцината ниту обратно, ниту која било вакцината ќе биде поспонирана поради тоа што имаме редовна вакцинација, укажа портпаролот на Комисијата за заразни болести.
Последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 23 до 29 минатиот месец покажува дека во тој период се регистрирани 56 нови случаи на голема кашлица, од кои 54 се во Скопје, а по еден во Струмица и во Дебар. Заболените се на возраст од 0 до 70 години, а најголем број се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.
Од новите 56 случаи, хиспитализрани се три, две деца на возраст под една година и едно од возрасната група од 1 до 4 години.
Од вкупниот број регистрирани 123 случаи, 77 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Дваесет и седум заболени се со хоспитализација, а 22 од нив на возраст до четири години.
Oд 18 јануари до 29 февруари, согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир Карпош, Кисела Вода и Центар) е утврдено дека се пронајдени 13 184 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив, вакцинирани се 5 056 (38,3 проценти). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (2 492; 49,3 проценти).
Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 7 690 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (4 729; 61,5 проценти) од вакцинираните деца примиле I, II или III доза на примовакцинација. Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18 јануари до 29 февруари изнесува 12 746.
Првиот случај со голема кашлица беше пријавен на 5 јануари годинава. (МИА)