Македонија

Здравковски: Пациенти од велешката болница вртат во Брза помош, нема кој да им помогне!

Здравковски: Пациенти од велешката болница вртат во Брза помош, нема кој да им помогне!

Граѓаните го изгубија правото на здравствена грижа во болниците, ова денеска преку изјава за јавноста го истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски.

„Тотален хаос и целосен распад на системот доживува нашата држава под владеење на СДС и ДУИ. Фрапантна и згрозувачка е информацијата што ја добивме пред неколку дена, а што се случила пред месец и половина во велешката болница. На 22.01.2024 година, пациент во неподвижна состојба со шипки на рацете и ‘рбетот, паднал од болничкиот кревет на физикалното одделение во велешката болница и повеќе од 2 часа не добил помош од персоналот на одделението иако безнадежно ги повикувал. Во таква беспомошна состојба пациентот успеал да го дофати својот мобилен телефон и да се јави на бројот 112 за да повика брза помош. Тие пристигнале, но никој не успеал да ги слушне и не им отвориле. Бидејќи повикот се прекинал и мислеле дека пациентот е во критична состојба биле принудени заедно со болничкото обезбедување, да ја разбијат вратата на одделението за да влезат и да му пружат помош на пациентот. Нели е срамота? Дали има во оваа држава барем малку морална и човечка одговорност? Дали функционерите имаат морална и човечка одговорност? Очигледно е дека господа од СДС и ДУИ дека ве интересираат само бизнисите и криминалните зделки, но како барем малку не се засрамите и да поведете грижа за граѓаните“, вели Здравковски.

Тој додава дека малку ли беше што го продадовте и го пониживте овој народ, му ги ускративте и основните човекови права, правото на движење, го заробивте во сопствената држава, но зарем луѓе од болничките кревети треба да се јавуваат во брза помош за да добијат основна нега.

„Зошто повеќе од еден месец се крие и воопшто не е решен случајот? Дали и овој пат сакате да го сокриете случајот исто како она со градинката кога негователка им даваше електронска цигара на мали дечиња? Како пратеник и граѓанин од Велес, од овде ги повикувам сите надлежни институции, веднаш да реагираат и да го расчистат овој случај. Згрозен сум од помислата дека и на други одделенија во државата се случува истото ова и многу животи се доведени во прашање. За многу кратко народот ќе си ја врати државата и во оваа држава ќе има систем на вредности, меѓутоа и систем на одговорност. За многу кратко народот ќе ја збрише оваа одродена власт и ќе ја испрати во историјата затоа што никогаш не било полошо!“, вели Здравковски.

Најнови вести од Македонија

To top