На денешната Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за претседател на Македонија, претседателот Христијан Мицкоски промовираше десет постулати за тоа каков претседател и треба на државата, додавајќи дека е потребно лидерство за промени и за враќање на надежта на македонските граѓани.
Десетте постулати промовирани во говорот на претседателот Мицкоски се следните:
1.Претседателот има должност и обврска да служи на граѓаните на државата, да ги штити нивните интереси и да има лидерство кое ќе значи непотклекнување на туѓи лични агенди. Да биде претседател на народот, а не застапник на интересите на клики и елити кои за сметка на колективниот интерес, водат лични агенди. Претседателот на државата му припаѓа на народот и одговара единствено пред него, го штити Уставот како акт кој произлегува од волјата на суверенот- граѓаните на Република Македонија. Претседател за народот, а не слуга на кликите.
2. Повикувајќи се на славните традиции на илинденците и народно ослободителната борба, темелејќи се на јадрото воспоставено од претседателот на славната Крушевска Република, Никола Карев, од првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, па се до лидерите и водачите кои се втемелија во историскиот раст на Македонија, претседателот е должен безусловно и со голема посветеност и капацитет да го продолжи истото дело. Да градиме држава која ќе ги почитува своите темели и ги надоградува со верба и посветеност кон идеалите кои беа обврска и за сите наши претходни претседатели. Во историските крстосници и бури на овој народ, посветеноста кон државата, долгот и почитта кон сопствениот народ треба да бидат најсилната врска на која треба претседателот да се потпира во секоја своја одлука. Претседател верен на традициите, на битките за слобода, на делата на великаните врз кои почива македонската држава.
3. Претседателот треба да промовира законитост и бескрупулозно да се бори против неправдите и беззаконието. Потребна е решителна борба против криминалот и корупцијата која го разјадува нашето општество, која народот го реди во подредена позиција. Поддршка на обесправените, внесувањето на надежта дека промените се можни, само преку доследност и принципиелност, почитувањето на законите и Уставот се, како што кажав, обврска на Претседателот. Треба да се стави крај на неправдите, да се отворат портите за правдата, да се утеши изморениот народ од неправди и на гладните за достоинство и правда да им се каже јасно и гласно-правдата доаѓа! Заедно со правдата следи и одговорност за сите кои печалат преку криминал и корупција. Одговорност која нема да заврши преку инцидентни случаи кои се разводенуваат долж години за да на крајот биде неважно и целосно разводенето дали правдата воопшто ќе пристигне. Претседател за правда и одговорност подеднакво за сите, без поделби на вера, нација и припадност.
4. Претседателот мора да има свој став. Тој не треба да зависи од партиски шефови, од партиски структури. Тој треба да и служи на Македонија и нејзиниот народ. Претседателот мора да има став па макар тој бил различен од Собранието, Владата или други носители на јавни и државни функции. Претседател кој ќе има карактер да се спротивстави доколку другиот греши. Да каже пред народот дека е отпорен на притисоци, дека не е нечиј слуга, туку политичар изграден од верувања, идеали и борба за принципи и вредности. Да биде свој, да служи непристрасно и објективно на Уставот и граѓаните. Да реагира согласно своите уверувања и државните интереси, а не за да задоволи суети, политичари и институции. Претседател со став, изградена личност, претседател кој им се спротивставува на другите кога грешат. Да престане практиката тој да е фигура во куклен театар, туку водач со став и интегритет.
5. “Македонците се борат за своите правдини…” се најгласните зборови од нашата химна. Претседателот на државата мора да се грижи и пожртвувано, посветено да се работи за заштита на македонскиот идентитет и посебноста на македонскиот народ и македонците насекаде низ светот. Потребно е да се стави крај на политичките преговори и договори со кој се начнуваат есенцијалните прашања врз кој се потпира нашето егзистирање како народ и држава. Предолго и преагресивно во краток период се разградува македонското јадро по повеќе основи. Потребно е претседателот да биде браната пред налетот на разни пропаганди и настојувања за идентитетско осакатување на македонскиот народ. Претседател кој бескомпромисно ја штити посебноста на Македонија и македонскиот народ, наместо соучесник и изговор за штетни отстапки и договори какви досега сме гледале многу. Претседател за Македонците дома и за Македонците насекаде низ светот. Претседател кој треба да биде гласот на нивните потреби, бедрото на нивната енергија, колевката на нивната љубов и грижа за Македонија.
6. Претседател кој ќе води дипломатија која се темели врз стратегијата за одбрана и промовирање на македонските интереси. Потребно е да се направи мобилизација на мудрите луѓе во нашето општество. Потребно е да се подаде рака, без комплекси и суети на луѓето кои имаат капацитет и знаење да помогнат на Македонија. Потребно е дипломатијата да изгради мостови, договори и сојузи кои ќе ги штитат и промовираат нашите интереси. Дипломатија која ќе биде необременета од партиски интереси, туку полна со знаење, квалификации и компетентност. Дипломатија која ќе ја штити вистината за Македонија, која ќе води борба за ставовите во кои веруваме и со кои настапуваме пред светот. Потребна е стратегија а не стихијно делување како досега. Претседател кој ќе обединува со мудрост, претставителност и знаење поткрепено со дипломатија која нашите сојузници ги убедува во работите кои се наш државен и стратешки интерес. Дипломатија и разговор како рамноправни чинители, а не послушници и неми посматрачи. Претседател кој води дипломатија со капацитет и создава пријателства и сојузи.
7. Претседателот треба да ги промовира вредностите врз кои почива Македонија и да ја води државата кон исполнување на нашите стратешки планови за членство во Европската Унија. Македонија е изградена врз сонот и тежнеењето на прозападните цивилизациски вредности. Во тој контекст Претседателот на државата треба да работи за силна демократизација на процесите и водење на Македонија кон полноправно членство во Унијата како процес со кој се заокружува есенцијален напор за долготрајно стабилизирање и зацврстување на постоењето на македонската држава и сигурност за нашата заедничка иднина. Треба да се водат разговори без заблуди, со искрен и чесен пристап. Македонија нема друга алтернатива освен членството во ЕУ, но и го нема комодитетот да експериментира со своите идентитетски основи. Претседател кој работи за полноправно членство на Македонија во Европската Унија, кој гарантира сигурност за интеграција преку заштита на идентитетот на нашиот народ како посебна и уникатна целина.
8. Претседателот треба да биде реализирана личност, која е препознаена од народот и мудрите луѓе на ова општество. Потребни се луѓе кои ќе работат за државата, а нема да се богатат од функцијата која ќе ја извршуваат. Државата е уморна од поединци кои градат кариери, без притоа да посветат внимание и не чувствуваат должност и обврска кон народот кој ги избира. Претседател со интегритет, стожер на чесноста. Потребна е одговорност и отчетност. Никогаш да не се заборави врската со народот. Удобствата, комфорот кои ги нуди позицијата се минлива категорија, трагата која се остава со функцијата е вредност која мора да трае.
9. Претседател кој го промовира концептот – Македонија за сите луѓе. Силата која што ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои си ја сакаат земјата и кои сакаат својата иднина да ја градат овде дома, во Македонија. Време е да зборуваме за иднината, да му кажеме на народот која е и што е нашата визија, заедничкиот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа национална и економска девастација. Време е да се победат неморалот, кичот и парадерството. Македонија за сите луѓе е одговор за заедничките неправди и предизвици. Економско обединување на народот и решавање на заедничките проблеми. Македонија за сите луѓе е Македонија и на Македонците, на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати.
10. Претседател кој промовира лидерство за промени. Потребно е да се стави крај на хаосот, неправдите, злоупотребите. Системот е распаднат, а народот вели дека се повеќе му се одзема државата. Ниту еден атрибут на државата не функционира. Потребно е да се внесе надеж, енергија дека она што никогаш не било полошо отколку сега, време е да се промени. Таа промена започнува од секој поединец, од неговата одлука да ги промени работите. А, изборите што следат се таа шанса за голема промена. Од секој од вас зависи и секој од вас е носител на своите одлуки и креатор на сопствените судбини. Овој народ е создаден од верба и надеж. Македонија има сила за големи промени, одлуки кои ќе ја определат судбината за сигурна иднина. Македонија која повторно ќе биде исправена, горда и твоја.