Еден од Седумдесеттемина. Му беше роб на Филимон, човек богат и угледен во градот Колосај во Фригија, но нешто му згреши на својот господар и побегна во Рим, каде што од апостолот Павле го слушна Евангелието и се крсти. Па со оглед дека Павле претходно го имаше приведено и Филимон кон вистинската вера, тој сега ги измири овие двајца, Филимон и Онисим, господарот и робот, пишувајќи му посебно послание на Филимон, еден од најтрогателните пишани состави кои воопшто постојат во Светото Писмо. „Те молам“, пишува, „за мојот син Онисим, кого го родив во оковите свои …Можеби затоа се раздели од тебе на некое време, за да го добиеш вечно, не повеќе како роб а повеќе од роб, како брат возљубен“. Трогнат од ова писмо Филимон навистина го прими Онисим како брат и го ослободи од робувањето. Подоцна Онисим од самите апостоли беше поставен за епископ и по смртта на апостолот Тимотеј ја прими Ефеската Столица. Тоа се гледа од посланието на Св. Игнатиј Богоносец. Во времето на Трајановото гонење Онисим веќе беше старец. Го уапсија и го одведоа во Рим. Овде одговараше пред судијата Тертул, одлежа затвор и најпосле го убија со меч. Неговото тело го зеде некоја богата жена, го положи во сребрен ковчег и чесно го погреба во 109 година.
Тропар
Ти, кој од робување на човекот кон робување на Бога беше приведен, ти кој светии послужуваше и незнабошци во верата спасоносна приведуваше, Онисиме свети, денес прими од устиве наши песна благодарна, песна која преку тебе Бога Го велича, песна која ги проси твоите свети молитви за нас, пред престолот Божји принесени.
Преподобен Евсевиј
Сириски пустиник. Најпрво се подвизуваше под раководство на свети мажи, а подоцна се оддалечи и се осами во пустина. Се хранеше исклучиво со растителна храна. Дури ни овошје не вкусуваше. Целото време го минуваше под ведро небо во молитва, трпејќи секаква временска непогодност. Доживеа старост од деведесет и пет години и мирно се упокои во Господ во 440 година.
Тропар
О Евсевие, душо озарена, од Бога излечена, ангелски подвиг на себе прими, Христа непрестајно на усни и во ум имајќи Го, со Духот Божествен срцето го закити. Моли се за нас лозо духовна плодовите, која Христа за корен Го има, и нас нe застапува пред Вечноста.
Преподобните Пафнутиј и Ефросинија
Ќерка на Пафнутиј, богат и прочуен човек од Александрија. Од бездетни родители, кои со молитва ја испросиле од Бог. Како благочестиви луѓе, тие ја воспитале во верата Христова. Не сакајќи да стапи во брак, младата Ефросинија, за да се скрие од татко ?, се преоблекла во машка облека и се пријавила пред игуменот на еден машки манастир како евнух на царот Теодосиј, под името Измарагд. Игуменот го примил и му го предал под раководство на духовникот Агипит. Со својот подвиг на пост и молитва Измарагд брзо ги надминал сите монаси во тој манастир. Кога навршиле триесет и осум години во тежок подвиг, тој манастир го посетил Пафнутиј, а игуменот го упатил кај Измарагд заради молитва и утеха. Измарагд го препознал Пафнутиј, но Пафнутиј не го познал Измарагд. Кога таткото ја исповедал својата тага по изгубената ќерка, Измарагд му рекол да не губи надеж, бидејќи уште во овој живот ќе ја види својата ќерка, па го замолил повторно да дојде кај него по три дена. Кога Пафнутиј дошол повторно, Измарагд лежел на смртна постела. Тогаш му рекол на Пафнутиј: „Јас сум Ефросинија, твојата ќерка, ти си ми татко!“ Таткото долго не можел да си дојде на себе од страшното изненадување. Тогаш издивнала блажената Ефросинија и татко ? ја оплакувал над одарот. Откако ја погребал и самиот стапил во истиот манастир и се вселил во ќелијата на својата упокоена и света ќерка. По десет години подвиг, се упокоил во Господ и Свети Пафнутиј.
Тропар
Господи, Господи, сило незнаена, го создаде, го возљуби човека и го постави во љубовта Твоја, затоа дете кон Тебе прибегна – света Ефросинија, при чии нозе денес припаѓаме. Убавината на душата твоја, о преподобна, ги освои нашите срца, подвигот твој за Христа да се оневестиш, даде смелост на усните наши – да те восфалиме и молиме лишени да не бидеме од милоста на Твојот Жених во вечни векови.