Стабилното, суво и релативно топло време, како и дневните температури кои достигнаа натпросечни вредности за овој период од годината, на некои места и до 17 степени, го поттикнаа пролетното будење на овошките, особено на коскестите видови кои и вообичаено се првите што почнуваат со вегетација. Ова, според агрометеоролозите, особено се однесува на растенијата во јужните делови од земјава и Повардарието.
-Ваквите временски услови се добредојдени за изведување работи на поле и ќе им овозможат на земјоделците и натаму да вршат резидба на виновата лоза и овошките, отстранување на старите, слаби, неразвиени и болни изданоци (гранчиња), подготовка на површините во пластеничкото производство и евентуално прихранување на есенските посеви, наведуваат агрометеоролозите од УХМР.
УХМР информира дека следните денови ќе се задржи релативно топло време, а локални врнежи од дожд ќе има од недела. Во петок и за време на викендот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се движи вод -5 до 8 степени, а максималната од 10 до 18 степени.