Минатата година во Шпанија се регистрирани 322.075 раѓања, што е најниско ниво откако ваквата статистика почна да се води во 1941 година, соопшти денеска Националниот институт за статистика.
Ова е „намалување од два отсто споредено со претходната година“, се вели во соопштението на Националниот институт за статистика.
Стапката на наталитет во Шпанија е втора најниска стапка во Европската унија. Според најновите бројки на Евростат од 2021 година, односот бил 1,19 деца по жена, наспроти 1,13 во Малта и 1,25 во Италија.
Според податоците на Националниот институт за статистика, бројот на раѓања во Шпанија е намален за 24,1 отсто од 2013 година.
Зголемена е и возраста на жените кои раѓаат. Бројот на раѓања од мајки на возраст од 40 и повеќе години е зголемен за 19,3 отсто во последните десет години.
Минатата година бројот на умрени лица во земјата го надмина бројот на родени за 113.256, при што природниот прираст остана негативен, како што е од 2017 година, додаваат од Националниот институт за статистика.
Населението на Шпанија продолжува да расте и во 2022 година, а според последните податоци на Националниот институт за статистика, надминува 48 милиони жители, што се должи на наглото зголемување на бројот на странци, особено на Украинците.