Селекторот на македонската машка кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, беше прилично оптимистички расположен во разговорот со медиумите и ги најави двата квалификацисики натпревари за Европското првенство.
„Само една репрезентација од квалификациската група нема да патува на Евробаскетот. Полска е домаќин, а Литванија со децении нема пропуштено големо натпреварување. Мислам дека натпреварот со Естонија е клучен за нашиот пласман во групата и најголем акцент ставаме токму на овој противник. Јас би бил задоволен со било каков триумф, затоа што Естонија има голем подем во кошарката. Имаат многу интернационалнци кои настапуваат во најсилните лиги како шпанската и италијанската. Тие сакаат не само да играат на Европско првенство, туку и да остварат солиден пласман на турнирот.
Ние имаме свои адути, играме на домашен терен и атмосферата ќе биде на одлично ниво. Играчите ќе го дадат својот максимум и верувам дека сите ќе бидеме мотивирани за овие предизвици“, вели Јончевски.
Македонија претрпе одредени промени во составот, на овој собир нема да присуствува одличниот плејмејкер, Ти-Џеј Шортс, а неизвесен е и настапот на повредениот капитен на националниот тим, Војдан Стојановски. Не сме се откажале од услугите на Шортс, кој беше еден од најзаслужните за добрите резултати во претквалификациите. Малку сме дефицитарни на центарските позиции и затоа сметавме дека е важно да се засилиме во овој сегмент. Токму затоа решивме за овие мечеви да го повикаме Итан Хап, кој заедно со Шортс доби македонски пасош. Оваа промена е повеќе од принуден, отколку од стратешки карактер.
Војдан Стојановски е повреден и уште ги чекаме резултатите од прегледите. Доколку се испостави дека нема да биде „фит“ за настап, за жал, ќе бидеме малку хендикепирани во тој поглед, а го немаме ниту Андреј Јакимовски, кој има важни мечеви во САД и не доби дозвола од клубот за овој репрезентативен собир. Исто така, овој пат со нас нема да биде и Кристијан Николов, кој мораше да остане во Турција“, изјави селекторот Јончевски.
Македонија ги започнува квалификациите за Европското првенство со натпреварот против Естонија, кој ќе се одигра во салата СРЦ „Кале“ на 23 февруари, со почеток во 19:00 часот.
Три дена подоцна нашата репрезентација ќе игра на тешкото гостување кај Полска, која е една од фаворитите во нашата квалификациска група.