Откако Премиер лигата вчера ја одобри зделката преку која Сер Џим Ретклиф влегува во Манчестер Јунајтед, купувајќи 25% од акциите на претходните сопственици, денеска и Фудбалската асоцијација на Англија даде дозвола за промените.
Сите важни чекори веќе се преземени, само се чека затворањето на Њујоршката берза во петок навечер, бидејќи истиот ден до 23:59 часот, сопствениците на акции од класа „А“ можат да продаваат. Премиер лигата потоа ќе добие потврда за релевантните трансакции. Тогаш договорот може и официјално да биде објавен.
На тој начин, Ретклиф и неговиот тим ќе почнат теоретски да управуваат со клубот, барем што се однесува до фудбалските работи. Во оваа насока, промените започнаа со назначувањето на Омар Берада за нов извршен директор на клубот. Тој, Сер Дејв Брејлсфорд и Жан-Клод Блан ќе бидат личностите кои ќе ги носат важните одлуки во иднина.
Денеска медиумите на Островот објавија дека клубот во секој момент ќе упати понуда до Њукасл за спортскиот директор на „страчките“, Ден Ешворт, кој треба да ја заземе истата позиција на „Олд Трафорд“.