Македонија разрешени беа алиу и меџити

Собранието ќе избира нови министри за здравство и за информатичко општество и администрација

Собранието денеска треба да ја продолжи 143. седница на чиј дневен ред, меѓу другото е и изборот на нови министри за здравство и за информатичко општество и администрација.

Собранието ќе избира нови министри за здравство и за информатичко општество и администрација

За нов министер за здравство е предложен актуелниот директор на Клиничката болница во Тетово, Илир Демири, а за министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами.

Собранието минатата недела со 62 гласа „за“ и ниту еден глас „против“ ги разреши министрите од Алијанса за Албанците Фатмир Меџити и Азир Алиу. На гласањето не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Меџити и Алиу беа разрешени по предлог на техничкиот премиер Талат Џафери кој од собраниската говорница, образложувајќи го предлогот за разрешување рече дека според законот, не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и дека тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето на двајцата министри.

– Воопшто не станува збор за нивната стручност и професионалност кон што имам исклучителна почит, рече Џафери.

Разрешувањето на двајцата министри уследи по расколот во Алијанса за Албанците откако актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари побара поддршка од членството за коалиција со албанскиот опозициски блок на претстојните избори, со што не се согласува претседателот на Централното собрание Зијадин Села.

На дневен ред на 143. седница на Собранието, се повеќе предлог закони по скратена постапка, меѓу кои Предлог на закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, Предлог на закон за дополнување на законот за заштита на децата, како и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за социjалната заштита.

Во прво читање пред пратениците, е и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки.

Најнови вести од Македонија

To top