Легендарниот германски репрезентативец, Месут Озил, напиша многу интересна објава околу најавените новини во фудбалот и воведувањето на таканаречениот „син картон“ на натпреварите, со кој би се санкционирале играчите кои прават фаул без топка или покажуваат непочитување за судиите.
Секој ваков картон би значел десетминутен престој на клупата, а доколку еден играч добие син картон двапати, или еден син и еден жолт, тоа автоматски ќе значи дека заработил исклучување, исто како да му бил покажан црвен картон. Озил смета дека ова правило ќе биде многу незгодно за одредени екипи, а не пропушти да ги „пецне“ Атлетико Мадрид и тренерот Диего Симеоне, кои се познати по грубата игра, полна со снажни физички дуели.
„Значи, Атлетико и Симеоне ќе играат со шест фудбалери на секој натпревар“?, стоеше во кратката објава на Озил. Медиумите веднаш се пошегуваа со оваа објава, но сѐ уште нема никаков одговор од Атлетико. Месут Озил одигра многу дерби-дуели против „јорганџиите“ додека беше член на Реал Мадрид, а неретко на терените имаше и големи искри и тензии, кои очигледно Германецот со турско потекло не ги заборавил.
Новото правило за „син картон“ би требало официјално да биде воведено од сезоната 2025/26 и претставува само дел од таканараечената „револуција на фудбалот“.