Живот и Стил МПЦ

Според Календарот на МПЦ утре се празнуваат овие светители

Преподобните Ксенофонт и Марија и нивните синови Јован и Аркадиј

Според Календарот на МПЦ утре се празнуваат овие светители

Угледни и богати цариграѓани. Живееја богоугодно и со најголемо внимание ги воспитуваа своите синови во христијански дух. Кога синовите им пораснаа, ги пратија на студии во Вирит (Бејрут); но се случи бура го потопи коработ. По Божја Промисла Јован и Аркадиј беа некако спасени и исфрлени од брановите на брегот, но на две различни места, така што секој мислеше за другиот дека потонал. Од тага еден за друг обајцата се замонашија во два различни манастири. После две години нивните ужалени родители појдоа во Ерусалим на поклонение на светостите. Таму со помош на проѕорливоста на еден духовник се состанаа прво брат со брат, Јован и Аркадиј, а потоа и родителите со своите деца. Од благодарност кон Бога Ксенофонт и Марија и самите го раздадоа сиот свој имот на сиромасите и обајцата се замонашија. Трогателната историја на овие четири свети души јасно покажува колку прекрасно Господ раководи со судбините на оние што веруваат во Него; како допушта врз нив маки и жалости за потоа уште позасилени во верата да ги возведе во многу поголема радост. Живееја и се упокоија во Господ во 10 век.

Тропар
Благословот родителски од Бога запечатен, ги приведе вашите деца Јован и Аркадиј кон гората Господова, а смиреномудрието ваше, о Ксенофонте и Маријо, стана врска нераскинлива помеѓу Бог и човека, на која целата природа се покорува. Пријатели Христови станувајќи, името го пренесовте по сите краишта земни, поуки и скалила Духот преку вас остави, покриени со вашите во Христа свети молитви, за кои денес слава и пофалба на Бога вознесуваме, Кој вас ве прослави.

Преподобен Симеон Ветхи

Другар и пријател на Св. Паладиј. Од рана младост па до смртта се подвизуваше во една пештера. Основа два манастири и се упокои во Господ во 390 година. Ветхи, т.е. Стар се нарекува за разлика од Св. Симеон Столпник, којшто се подвизуваше нешто подоцна од него.

Свети Давид, цар Грузиски (1089 г. – 1130 г.)

Ја обнови и ја зајакна Грузија како држава. Како ревнител за христијанската вера изгради многубројни нови храмови низ Грузија и старите ги обнови. Се смета за преродбеник на Православието во Грузија.

Свети Јосиф Солунски

Брат на свети Теодор Студит. Уште од младоста се подвизувал заедно со брат му под раководство на нивниот вујко, преподобен Платон, основач на манастирот Сакудион. Поради својот славен подвижнички живот, преподобен Јосиф едногласно бил избран за архиепископ на Солун. Заедно со свети Теодор биле гонети за светите икони од страна на иконоборниот цар Лав. Биле страшно мачени и затворени во темница, но тие останале непоколебливи во својата вера. Така измачуван, свети Јосиф се упокоил во Господ во 830 година.

Тропар
Подвижничкиот твој живот согледувајќи го, Спасителот благоизволи возвишен чин да ти додели, о Јосифе, архиепископе на стадото Христово, исповеднички венец доби во борбата за светите икони, маченички за сведоштво на вистината, моли се слуго на Бога Вишниот, во едномислие со тебе пред Христа да се претставиме.

Поврзани теми

To top