Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен во понеделник (5 февруари) треба да пристигне на Блискиот Исток со цел да се постигне примирје меѓу Израел и палестинското движење Хамас, кое САД и Европската Унија го прогласија за терористичка организација.
Како што војната во Газа влегува во петтиот месец, израелската војска во неделата соопшти дека го бомбардирала Кан Јунис, на југот на палестинската територија, каде што се смета дека се кријат водачите на палестинското движење.
На дипломатски план, продолжуваат преговорите за постигнување второ примирје, по седумдневниот прекин на огнот на крајот на ноември.
Неколку десетици заложници држени во Газа потоа беа разменети за Палестинци кои ги држеше Израел.
Според Израел, на 7 октомври биле киднапирани околу 250 луѓе, а во Газа сè уште се држат 132 заложници. Меѓу нив 27 се сметаат за мртви.
Во исто време, САД започнаа нов напад врз Хутите во Јемен. Последната акција доаѓа еден ден по заедничките американско-британски напади врз цели на бунтовниците таму. Тоа е одговор на континуираните напади на Хутите поддржани од Иран врз воени и трговски бродови во Црвеното Море.
Нападите на Хути ги принудија големите бродски компании да избегнуваат пловење по тој пат, што во голема мера влијае на меѓународната трговија. Хутите, кои ги контролираат најнаселените делови на Јемен, велат дека нивните напади се знак на солидарност со Палестинците додека Израел ја напаѓа Газа.
Сепак, САД и нивните сојузници ги карактеризираат нападите на Хутите како неселективни и закана за глобалната трговија.
Блинкен, чија земја е главен сојузник на Израел, се очекува во понеделник да пристигне во Саудиска Арабија, прва станица на неговото петто патување во регионот од почетокот на војната. Планирано е да ги посети и Катар, Египет, Израел и окупираниот Западен Брег.
Војната меѓу Израел и Хамас беше предизвикана со нападот на Хамас на израелска територија.
Според Израел, тој ден биле убиени повеќе од 1160 луѓе, од кои повеќето биле цивили. Според Хамас, 27 365 Палестинци, огромно мнозинство од нив жени и деца, биле убиени во Појасот Газа во израелските бомбардирања и воени операции.