Блаженка Мицевска Пејкова од Скопје, правник по професија, вработена во банка и сопственик на една од најпознатата одгледувачница на померанци во Mакедонија и регионот „Royalty Family“, уште позната како „Кралски померанци“.
Од каде идејата за одгледување токму на оваа раса?
Изборот на миленик од расата померанец беше желба на мојата ќерка, а исполнување на таа желба и не беше така тешко особено што оваа раса на кученца е толку слатка и шармантна што на прв поглед ме освои и одлуката да го чуваме Лео ја донесовме веднаш штом го здогледавме. Инаку Лео е нашиот прв померанец и „виновник“ за создавање на ова наше мало кралство од померанци кое моментално брои 15 померанчиња. Померанците се мала раса на кучиња, со висина во просек од 22цм и тежина околу 2.5кг, идеални се за чување во стан па можеби и тоа беше причина плус лесно да се одлучиме токму за оваа раса. Одгледувањето на истата се наметна сосема спонтано, на почетокот тоа не ни беше ни идеја ниту во план. Набрзо, после Лео ја земавме и Лара, па Бела, па Срна…., ретко кој што земал еден померанец да останал само на еден, па така спонтано се роди и идејата за нивно одгледување.
Какви кученца се померанците салонски или може да се чуваат и во надвор? Дали покажуваат агресија или анксиозност? Како реагираат доколку ги оставите сами дома?
Померанците се кученца со мал раст и не бараат некои посебни услови, освен оние основните храна, вода и многу љубов . Лесно се вклопуваат во сечии дом. Салонски кученца се и не се чуваат надвор.
Померанците се кучиња, па како и сите останати го имаат инстинктот за чување на територија, па така, штом некој заѕвони на врата веднаш се вклучува „аларм“ од лаење кое наговестува дека некој доаѓа. Но штом влезе некој во нашиот дом тие ја следат нашата реакција на тоа и веднаш се пријателски настроени, се радуваат и веднаш почнуваат да го шармираат гостинот. Померанците се големи пријатели и на луѓето и на кучињата, но пред се нивното однесување зависи од нивната социјализација, а тоа е процес кој започнува уште кога е бебето во утробата на мајката и затоа е битно од кој одгледувач ќе земете кученце како истото понатаму не би покажало знаци на агресија или анксиозност. Ние како одгледувач многу обрнуваме внимание на тоа и имаме посебна програма за социјализација која ги опфаќа мајките уште од момент на нивно оплодување и понатаму тој процес трае се до момент на превземање на здраво, весело кученце, со стабилен карактер и со истото е потребно да се продолжи со социјализација и кај новиот сопственик. Па така кај нашите кученца не е забележана посебно стресна реакција при разделба, особено не на анксиозност, но затоа реакцијата при влегување во домот е неописливо радосна и полна со љубов која неможе да се опише, потребно е да се доживее.
Што е специфично за нив како раса, дали грижата за нив чини многу?
Померанецот е познат и маркантен по неговото двослојно раскошно крзно и токму тоа е она кое бара најмногу нега и внимание од страна на сопственикот, а тоа подразбира секојднедно чешлање и редовно бањање. Крзното го штити од прегревање во летниот период и од студ во ладните и змиски денови, така што облеки нема потреба да носи и истите и не се препорачуваат за померанец бидејќи може да го стуткаат крзното или заплеткаат, а тоа понатаму доведува до дополнителни проблеми. Но, заради желба на сопственикот или мода и тренд, повремено дозволено е да им се облече облека. Грижата околу нив е иста како и за останатите раси со тоа што кај померанците акцент се става дополнително на негата околу нивното крзно. Па така, за да крзното биде сјајно, раскошно и здраво потребна е негова нега со посебна професионална козметика која вклучува шампон, кондиционер, дополнителни препарати за расчеслување, соодветни чешли, а особено значајно е исхраната која е потребно да биде богата со протеини и витамини, па пред се најбитно е да се одбере квалитетна храна. Сето ова нормално дека чини, но не нешто претерано многу.
Дали за грижа на крзното ее потребни дополнителни суплементи и каква е негата за истото?
Померанците се хранат со сува храна, но се препорачува еднаш до два пати неделно да им се послужи и готвена храна. Среќа денеска на пазарот кај нас може да се најде храна која е наменета токму за оваа раса која е совршено избалансирана, тоа е храната на Ројал Канин која е наменета исклучиво за расата померанец. Дополнително, особено во овие студени зимски денови задолжително како додаток на храната даваме лососово масло кое дополнително допринесува за здрава хидрирана кожа, а со тоа и здраво и сјајно влакно. Крзното истотака е значајно да се третира – бања редовно (еднаш на две недели во зависност од типот на крзното може и почесто) со професионална козметика наменета за тој тип на крзно. Секое живо суштество се митари, па така и померанците. Но, за да си го олесните секојдневното живеење најбитно е секојдневно да го чешлате, така што сето она влакно што испаднало или треба да испадне ќе остане на чешелот, а не по подот низ вашиот дом. Уште една причина плус да се четка секој ден.
Дали померанците се агресивни со деца?
Секако дека не. Померанците се мили, весели, дружељубиви, секогаш расположени за игра. Мојата ќерка ужива да дружи и игра со нив. Повторно, се зависи од социјализација на кучето. Најчесто сопствениците – родителите прават грешка, ја превземаат грижата околу нив, а на тој начин и кученцето се приврзува со нив што потоа може да резултира со негодување од страна на кучето кога некој друг ќе му пријде и постои можност негативно да изреагира кога ќе пријде дете или некој друг член од семејството. Затоа апел и совет, оставете го кученцето да другарува со сите во домот, сите да се вклучат во процесот на социјализација кој подразбира грижа за нив, хранење, прошетки надвор, бањање, чешлање, дресирање, другарување и сл. Децата понекогаш за померанците мислат дека се играчка бидејќи навистина изгледаат како мали кадифени мечиња, па често пати знаат да ги „гњават“ и премногу, а тоа знае и да не му се допадне секогаш на кученцето па да изреагира со ржење, затоа не ги оставајте малите дечиња без надзор и научете ги како треба да се однесуваат со ова мало кадифено милениче.
Дали бараат секојдневни прошетки и дали е лесно да се дресираат?
Померанецот е раса која нема потреба од задолжителни прошетки и трошење на енергија, тие се мали и доволен им е просторот во кој живеат. Но секако, доколку сопственикот сака и има желба за тоа, слободно може секојдневно да го шета миленичето, кое кученце не сака прошетки, но да не се тоа долги прошетки бидејќи знаат брзо да се уморат, па ќе заврши прошетката со кученцето во раце Што се однесува на дресурата, навистина се многу паметни и брзо учат. Мил карактер имаат и се трудат да го воодушеват сопственикот. Сакаат да бидат пофалени и наградени и затоа се доста послушни.
Дали со вашите померанци учествувате на натпревари и изложби за расни кучиња? Што е потребно за едно куче да учествува на таков настан и да освои титула?
Да, активно учестувавме на натпревари и изложби на расни кучиња кај нас, но и надвор од Македонија, на кои се оценуваат и наградуваат согласно пропишаните меѓународни стандарди. За да се учествува на натпревар или изложба најосновно е кучето да има педигре- родовник кој претставува доказ дека се работи за расно куче и дека потекнува од чистокрвни родители. Понатаму е значајно да има ринг-дресура која подразбира дисциплинирано однесување на кучето во ринг. Да знае да се презентира во движење, додека судијата го прегледува да стои мирно, да дозволи да му се прегледаат забите, половите органи, телесната конструкција, измери висината и сл. Ние претежно ги натпреваруваме мажјаците од причина што женките ни раѓаат и не ризикуваме со нив да бидат изложувани на стрес како и на ризик од зарази и вируси кои доколку дојдат во контат со малите и незаштитени бебенца може да биде фатално за нив. Инаку, веќе имаме шампиони во нашата одгледувачница. Нашите Пабло и Принц се врвни примероци на померанци, докажани шампиони, а тука е и Барби (Nevskiy Olimp Fantastic Cleopatra) која на меѓународната изложба организирана специјално за оваа раса беше рамо до рамо со светски шампиони и иако беше најмлада од нив ги засени и успеа да се закити со две титули, првак на класа во млади и првак на клуб во млади померанци.
]
Издвоите некои од најчестите здравствени проблеми карактеристични за оваа раса?
Досега не сме имале здравствени проблеми и дај боже да остане така. Но од она што е познато за нив, како најчести здравствени заболувања кои може да ја погодат оваа раса се кашлица, односно колабс на трахеата, луксација на пателата, односно исчашување на чашката на коленото, алопеција х, односно опаѓање на влакното и појавување на црна кожна болест… Тоа се некои болести кои се генетски предодредени, но не значи дека сите померанци ќе заболат. Исто така е особено значајно од која одгледувачница ќе се земе кученцето. Денеска за жал оваа раса доста се злоупотребува заради остварување на материјални цели па така со мешање на различни раси, германски шпиц и померанец, се добива нечистокрвен померанец кој начесто е со вродена здравствена аномалија. Животниот век на еден чистокрвен померанец е од 12 до 16 години. Затоа е битно да се земе кученце од проверена одгледувачница која одгледува исклучиво чистокрвни померанци
На кој период е потребно да се вакцинираат?
Вакцинирањето започнува уште од 7та недела од животот на бебето. Додека е истото кај нас ги прима сите неопходни вакцини. Откако ќе пројде периодот на инкубација и од последно примената вакцина веќе новиот сопственик може да го превземе кученцето. Потоа, новиот сопственик продолжува да го вакцинира кучето секоја година согласно здравствениот картон за вакцини.
Кој совет би го споделиле на идните сопственици на Померанец?
Померанецот е мало куче, но со голема личност кои се одликуваат со храброст и верност, интелигентност, брзо учат, темпераментни и весели, прави се мали шармери на кои тешко кој може да им одолее. Заслужено се вбројуваат во топ 20 најомилена раса во светот. Најбитно е да сте свесни дека доаѓањето на ново милениче во вашиот дом значи дека наредната деценија и повеќе истото ќе биде член и дел од вашето семејство. Сакајте го и бидете добар сопственик!