Избори се приближуваат, повторно истото. Добар дел од политичарите одат на „баци рака“, координации и консултации во земјите од соседството или кај големите светски играчи. Буквално самите потврдуваат дека сме протекторат и зошто на добар дел од нив, народот не треба да им верува.
Да, разбирам протоколарна посета, запознавање доколку политичарот или дипломатот е нов, но кога отиде некаде за да ви го искоординираат или детерминираат политичкиот настап на изборите или кадровските решенија, сфаќате дека нешто е навистина труло, овој пат не во Данска, туку во Македонија, онаа посеверената.
Заеднички средби на Косово, во Албанија, сигурен сум дека ќе гледаме и такви во Србија и Бугарија, па со Америка, Турција, Англија, Франција, Германија, Холандија. Браво бе арслани! Па, ко така можете и таму да отидете да ве гласаат. Зошто народ да се мачи? Знам, ја знам тактиката. Нека се буни, нека рипа скока народот, на тие кои не им одговара ич нека не гласаат, секој си тера своја таргет група. Ама никој не оди на карта изнервиран народ, дека на истиот ќе му пукне филм, ќе излезе и ќе гласа, за инает, контра сите кои го прават будала, го лажат и крадат.
Да, поддршка идеолошка е супер, од конзервативци, зелени, социјалисти, социјалдемократи, народњаци, либерали, кои и да се, поддршка по таа основа е супер. Но кога се оди на „баци рака“ кај туѓи функционери, кои очигледно тераат и свои агенди тука, сфаќате каде е проблемот. Државава се гледа како територија за сфера на туѓи интереси, додека тие кои очекуваме да бидат претставници на народот, се’ се само не тоа што очекуваме да бидат, бранители на државата, народот, и националните интереси.
На следниве избори и претседателски, и парламентарни, очекувам народот да гласа за оние кои ќе покажат достоинство и ќе застанат во заштита на државните интереси, за оние кои ќе изберат луѓе кои ќе ги пратат зад решетки сиве овие кои не опустоштија и осакатија, кои не продадоа, и ќе изберат лица кои ќе бидат во функција на државата и институциите, а не „алаш вериш“ мајстори кои ќе се збогатат за три животи.
Јас, како човек и гласач, не ме интересира ниту етничкото, ниту верското потекло на носителот на јавна функција, туку неговиот образ и лојалноста кон државата. Македонија пред се‘! Да видиме што ќе ни се понуди.
Александар Ристевски