Од почетокот на октомври 2025 година, во лавини на Алпите и другите планински подрачја во Европа настрадаа најмалку 135 лица, покажуваат податоците на Европската служба за предупредување од лавини.
За споредба, во текот на зимата 2024/25 во Европа беа забележани вкупно 70 жртви, што значи дека оваа сезона бројот на загинати е речиси удвоен, пренесува „Шпигел“. Поголем број настрадани последен пат е регистриран во сезоната 2017/18, кога имаше 147 жртви. Најпогодена земја е Италија со 38 загинати, а голем број несреќи се забележани во Јужен Тирол.
Податоците покажуваат дека во Франција загинале 31 лице, во Австрија 30, а во Швајцарија 15. На планините во Германија не се забележани смртни случаи.
Експертите како една од главните причини за зголемениот број жртви ги наведуваат климатските промени. Повисоките температури влијаат врз стабилноста на снегот, а слабото поврзување на стариот и новиот снежен слој, заедно со силните ветрови, придонесуваат за формирање на опасни снежни наноси кои лесно се претвораат во смртоносни лавини. (МИА)