Колумни колумна

Страв од односот “запад – “запад“

Страв од односот “запад – “запад“

 

Го пишувам текстов во контекст на она што се случува во светот, во контекст на војните околу нас, во контекст на распаѓање на старите и најава за формирање, или веќе формирање на нови сојузи и пријателства. Во контекст на потребата од македонското позиционирање во “новиот свет“, кој полека но сигурно се создава.

Го пишувам, конечно, за да ги извикнам зборовите на германскиот филозоф Имануел Кант – “Sapere aude“!!! Или – “Осмели се да знаеш“!!! Зашто, оној кој не знае, тој е осуден да греши. Ние, како мала држава и мала нација, сместена во можеби најневралгичен простор, немаме право на грешка.

Како вовед, покрај веќе познатата војна во Украина и случувањата во Венецуела и на Куба, нека послужи она што во моментов изгледа безначајно, но актуелно, а што тешко ќе го најдете во мејнстрим медиумите:

– Во Германија, сите мажи на возраст меѓу 17 и 45 години, не ќе смеат да ја напуштат државата подолго од три месеци без дозвола на Центарот за кариера на Бундесверот, како дел од Законот за модернизација на воената служба, објави Frankfurter Rundschau. Истовремено Германија издвојува рекордни 800 милијарди евра за вооружување во наредните години.

– Генералното собрание на ОН гласаше за да ја означи трансатлантската трговија со робови како “најтешко злосторство против човештвото“. Само САД, Израел и Аргентина гласаа против.

– Според објавата на директорот Ричард Леополд, Киев, после Падова и Ротердам, се наоѓа на трето место по продажба на ултраскапите автомобили Бентли.

ТЕРОРИСТИ И “ТЕРОРИСТИ“

– На 26. 03. 2026 година, во 20.00 часот, во ударниот термин на Франс 2, главниот државен телевизиски канал во Франција, пред повеќе од 3.4 милиони гледачи, се емитуваше интервју со министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров. Според зборовите на Филип Корбе, директор за информации на јавниот радиодифузен сервис Франс Телевижнс, “Русија е главен играч на Блискиот Исток и интервјуто е од очигледен новинарски интерес“.

– Во Дамаск, Сирија, украинскиот претседател со истечен мандат, се сретнал со сирискиот “лидер“ Ахмед ал Шара, за кој до пред една година беше распишана потерница како за еден од најбараните терористи Абу Мохамед ал Џулани и, нормално, разговарале за “безбедносната соработка“.

– Во Истанбул, тој ист Зеленски имаше средба со грчкиот владика Вартоломеј, кој се претставува како Вселенски патријарх и кој, покрај уништувањето на Украинската православна црква и создавање Православна црква на Украина на која и ги одзеде имотите во дијаспората, се обиде да го стори истото и со МПЦ, сакајќи да создаде Православна црква на Северна Македонија заради целосно бришење на македонското постоење.

– Американскиот капитал, уплашен од влијанието на радикалната левица, посебно во Њу Јорк преку новиот градоначалник од коалицијата радикална левица – радикален ислам, Зохран Мамдани, од Вол Стрит се сели во Далас, Тексас, каде е формирана новата најголема берза во САД.

– Во близина на Кањижа во соседна Србија, покрај гасоводот “Турски тек“ преку кој гасот од Руската Федерација, преку Турција стасува до централна Европа, се пронајдени две торби со експлозив во обид гасоводот да биде кренат во воздух. Сите траги водат кон украинските тајни служби кои, откако го уништија гасоводот “Северен тек“, продолжувајќи со терористички акции, се обидуваат целосно да ја исфрлат Европа од евтините енергенси и да ја вовлечат во отворена војна со Руската Федерација.

– Во меѓувреме продолжува војната меѓу САД и Израел од една и Иран од друга страна. Затворен е Ормускиот теснец низ кој поминува повеќе од 20 проценти од светската нафта и гас, но и алуминиум и вештачки ѓубрива. Тоа може да ја предизвика можеби најголемата енергетска криза до сега, чии, според се’, најголеми жртви ќе бидат Европа, Австралија, Југоисточна Азија. Според австралискиот премиер Албанезе, Австралија има резерви од дизел гориво за 39, бензин за 29 и керозин за само 30 дена.

– Токму тука поминува и подморскиот кабел кој со интернет врска ги поврзува Европа и Азија и чие евентуално насилно прекинување би го оневозможило пристапот до интернет, што посебно би ги блокирало активностите на берзите и банките.

– Американскиот претседател Доналд Трамп се заканува со целосно уништување на Иран и неговата инфрастуктура што би можело да доведе до распад на државата. Во тој случај постои голема опасност наместо регуларната иранска армија (не навлегувам во нејзината идеолошка и теократска определба), контролата над Ормускиот теснец да ја преземат вооружени групи неконтролирани од никого, што може да доведе до вистинска катастрофа со несогледливи последици.

– Јапонската премиерка Такаичи предлага промена на членот 9 од јапонскиот Устав, член кој забранува учество на Јапонија во какви било воени активности, па со негова промена целосно би се променила  јапонската пацифистичка доктрина стара повеќе од 80 години.

– После цели седум години Индија за прв пат купува нафта од Иран и ја плаќа во кинески Јуани, исто како што и танкерите кои Иран ги пропушта, “таксата за поминување“ ја плаќаат во истата кинеска валута.

– Француската централна банка целосно ги повлече своите златни резерви од САД.

Можеби после прво читање, нештата кои ги изнесов ќе ви изгледаат целосно неповрзани, но, за жал, имаат длабоки причинско-последични врски.

СОВРЕМЕНА СУВЕРЕНОСТ

Во меѓувреме, додека американскиот претседател се заканува дека САД ќе го напуштат НАТО, што не е нереално, европските сојузници, кои не така одамна на Трамп му се обраќаа како на daddy (татенце), сега, вџашени од можноста да останат без “чадорот“ кој тие, пак, иако без никаква моќ, го нудеа на другите, бараат излез во формирање “европско НАТО“ или нешто слично. Така што, светот, од страв од односот “запад-исток“, воведен со студената војна, денес влезе во страв од односот “запад-запад“.

Истовремено, веќе формираниот АУУКУС со Британија и Австралија, САД сака да го прошири и со Јапонија, Јужна Кореја, но и Малезија и други, со што би го формирала јужнопацифичкиот воен сојуз.

Па, внатре, во самото НАТО, се формираат сојузи од земјите членки. Најпрво, Коалицијата на подготвените, предводена од Британија, Франција и Германија, формирана заради учество во војната во Украина, ја покажа својата “подготвеност“ да го брани Гренланд доколку САД се обидат да го анектираат.

Хрватска, Албанија и Косово формираа воен сојуз на кој, Бугарија покажа подготвеност да му се придружи. Веднаш потоа таков сојуз, или воена соработка потпишаа Србија и Унгарија, за да неодамна Израел, Грција и грчкиот дел на Кипар формираат воен сојуз кон кој, веднаш, Србија пројави подготвеност да му се придружи. Нормално, загрижена за своите интереси во источниот дел на Средоземното море, Турција најави воен сојуз со Саудиска Арабија и Пакистан, кој веднаш беше наречен “муслиманско НАТО“. Овие сојузи, за жал, се вкрстуваат токму во Македонија и, атмосферата се повеќе наликува на деновите пред Балканските војни.

Го пишувам сето ова за да укажам дека во моментов, во светот постојат два вида суверени држави. Првите, кои може да се наречат апсолутно суверени се оние кои поседуваат нуклеарно оружје, иако и нивната “апсолутна“ сувереност може да биде доведена во прашање. Вторите се државите со релативна сувереност, а тоа се неутралните држави. Нивната сувереност е валидна, за жал, се’ до избувнување на “големата“ војна.

Сите останати, кои се “стратешки“ партнери на некоја од големите сили, или дел од каков и да е наднационален сојуз, се целосно несуверени и најподложни на страдања. Прашајте ги партнерите на Руската Федерација, Сирија и Венецуела… на пример и, партнерите на САД, заливските држави како Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин… на пример.

36 години МААК се залага за неутрална и демилитаризирана македонска држава, како успешна, богата и заштитена приказна, на пример…

 

П. С.

Светот со нетрпение ја чека вечерашната воена акција која ја најави Доналд Трамп, заради уништување на Иран… а потоа – Господ на помош.

Страшо Ангеловски

Претседател на МААК

To top