Со симболично, но силно значење, во мега паркот во Карпош, Скопје се одржа настанот „Читаме денес за подобро утре“, кој обедини деца, млади и љубители на книгата во заедничка акција за пошумување и подигање на свеста за одржлив развој.
Настанот, организиран од Сакам книги во соработка со Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило, резултираше со засадување на повеќе од 80 садници, со што директно се придонесе за збогатување на урбаното зеленило.

Во акцијата учествуваа најмалите од Пиколомини, ученици од ОУ Петар Поп Арсов и СУГС Никола Карев, кои преку практично искуство учеа за значењето на природата, одговорноста и заедничкото делување.
„Денеска, заедно со 20 мои ученици, одлучивме лекциите од училницата да ги пренесеме во природа. Присуството на настанот ‘Со љубов, од Европа’ е многу повеќе од обична посета – тоа е практичен час по етика и одговорност. Сакаме да им покажеме на младите дека како што се негува една книга, така треба да се негува и секое дрво. Со садењето и читањето во мега паркот, тие директно учествуваат во создавањето на својата позелена и поумна иднина,“ изјави Мирјана Патаракоска, наставник по физика во ООУ „Петар Поп Арсов“.

Настанот беше проследен со читање, дружење и музика, создавајќи атмосфера во која книгите и природата се надополнуваат како две суштински вредности.
Оваа активност е дел од проектот „Со љубов, од Европа“, кој има за цел да ја прошири улогата на литературата надвор од страниците и да ја поврзе со конкретни општествени и еколошки акции.
„Не се илјадници садници, не се многу – ова е само мал чекор. Но секој голем чекор почнува токму вака: со едно дрво, со еден читател, со една одлука да се направи нешто добро. Мислам дека денес тука го направивме токму тоа – за нашите деца, за сите деца. Бидејќи како што книгата, така и дрвјата растат бавно, но ако ги чуваме – растат засекогаш. И дрвјата и книгите имаат моќ да ја чуваат нашата иднина. Затоа денес засадивме нешто убаво – заедно,“ истакна Ивана Спасев, лидер на проектот.

Проектот „Со љубов, од Европа“ претставува поширока иницијатива на „Сакам книги“, која покрај промоцијата на европската литература, вклучува и активности за одржливост, како печатење на рециклирана хартија, донации за пошумување и поттикнување еколошки практики.
Со оваа акција, издавачката куќа уште еднаш ја потврдува својата заложба да придонесе не само во културниот, туку и во општествениот развој, создавајќи вредности што растат – исто како книгите и дрвјата.