Актерката Тори Спелинг и четири од нејзините деца, заедно со уште три деца, доживеале сообраќајна несреќа, по што биле префрлени во болница.
Канцеларијата на шерифот на округот Риверсајд потврди за списанието „Пипл“ во саботата дека заменик-шерифите биле испратени на местото на несреќата во Темекула, во близина на Лос Анџелес. На местото на настанот, пронашле две возила со оштетувања предизвикани од судирот.
Според порталот, Спелинг (52) возела четири од своите деца и три нивни пријатели кога биле удрени од возач кој наводно возел пребрзо и поминал на црвено светло.
Сите патници биле прегледани на местото на несреќата, а канцеларијата на шерифот објавила дека никој не е уапсен. Спелинг и седумте деца потоа биле префрлени во болница со три одделни амбулантни возила, каде што им биле укажани повреди, вклучувајќи исеченици, модринки, контузии и потреси на мозокот.
Актерката била видена како разговара со полицаец на местото на несреќата. Претставник на актерката потврдил за медиумите дека станува збор за сообраќајна несреќа.
Спелинг, позната по улогата во серијата „Беверли Хилс, 90210“, е мајка на пет деца: Лиам (19), Стела (17), Хати (14), Фин (13) и Бо (9), кои ги има со својот поранешен сопруг Дин Мекдермот.
Актерката претходно доживеала сообраќајна несреќа во 2011 година, кога удрила во ѕид додека ги возела своите две најстари деца на училиште, додека ја следеле папараци.
Потоа, во изјава објавена на социјалните мрежи, таа изјавила дека несреќата се случила додека се обидувала да избега од фотографот кој продолжил да снима дури и по судирот.