Во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија, гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков, кој истакна дека вклученоста на младите во политиката е клучна за да можат да го обликуваат општеството како што тие го гледаат и да ги направат промените кои што тие сакаат да ги видат, директно со вклучување во политичките процеси.
„Ние гледаме 2 типа на младински активизам и тоа преку партиски подмладоци и невладин сектор во кој луѓето би требало да се ангажираат. Постои јавен дискурс, наратив кој што неодговорни партии, политичари се обидуваат да го наметнат и да внесат апатија кај младите луѓе, дека процесите и одлуките не зависат од нив што е многу лош пристап. Можам да кажам дека интеракциите, врските и дисциплина која се стекнува низ тој активизам, кога се вклучувате во тие текови се буди креативноста и таа стекната вештина подоцна користи многу во процесот на напредување низ професионална и политичка кариера. Една порака до младите луѓе, на нас ни треба масовно вклучување на младите во процесите, со нивниот темперамент и знаења имаат капацитет да предизвикаат сериозна промена во размислувањето кај луѓето коишто ги носат одлуките“, рече Марков.
Марков во однос на младинските политики посочи дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува мерки во областа на образованието, со цел олеснување на образовниот процес и подобра информираност на младите и како дел од тие политики ги наведе инвестициите во студентските домови, дигитализацијата и доделувањето на ваучери за електронски уред.
„Потребни ни се млади кои ги разбираат процесите, младите треба да имаат „борбен мајндсет“, во кој што ќе си кажат: да ќе го посветам времето, ќе ги стекнам вештините кои се потребни, за да можам да ги наметнам промените коишто сакам да ги видам. Владата на ВМРО-ДПМНЕ последните години колку е на власт, води една таква пријатна политика за младите луѓе која што нуди да бидат покриени сите ставки од развојот, има мерки кои се однесуваат на олеснување на процесот на образование, сега имаме и сериозни инвестиции во реновирање на студентските домови, достапност на информации преку дигитални алатки, Владата имплементираше и преубава мерка со ваучерите од 250 евра за електронски уред“, вели Марков.